Израелски ВИ го следи секој палестински збор и издвојува закани

Израелските разузнавачки служби креирале алатка слична на ЧатГПТ и ја нахраниле со секој збор што Палестинците го кажале по телефон или како порака. Препознава локален говор и дијалекти. Самата ги следи и ги анализира комуникациите, открива „гнев“ или „нагон за убиство“ и етикетира закани. Понекогаш нагаѓа.

Израелската воено-разузнавачка Единица 8200 искористила огромна база со пресретнати палестински комуникации за да обучи машински модел што го разбира говорниот арапски јазик. Машината била тренирана со снимени телефонски разговори и текстуални пораки собрани со масовни прислушувања на окупираните територии.

Елитната агенција за прислушување, која според своите можности може да се спореди со американската Агенција за национална безбедност (НСА), го забрза развојот на системот по почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година. Моделот сè уште беше на обука до крајот на минатата година и не е јасно дали е активиран, наведуваат Гардијан, израелско-палестинскиот „Магазин +972“ и порталот „Локал кол“ во заедничко истражување.

Поранешни разузнавачи потврдуваат дека проектот постои. Единицата 8200 почнала со ситни модели, пред да се префрли на амбициозниот.

Системот за длабоко учење ЛЛМ овозможува анализирање огромен број јазични податоци, но и најнапредните машини во себе го носат ризикот од „халуцинирање“.

Тоа е машина што нагаѓа. Од нагаѓањата може да настрадаат луѓе, вели Зак Кембел, истражувач од Хјуман рајтс воч.

На израелските воени технолози им било тешко самите да создадат модел со моќта на ЧатГПТ. За да ги скратат напорите побарале асистенција од ОпенАИ за воените системи, но биле одбиени.

По терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври, меѓу доброволците што се вратиле од САД за да се пријават за воена служба имало и експерти од големите технолошки компании, како Гугл, Мета и Мајкрософт. Избран тим инженери почнале „од нула“ да градат ЛЛМ што препознава локален арапски говор, бидејќи постоечките модели биле тренирани со податоци од официјалната комуникација, литературата и медиумите. Биле вградени либански и палестински дијалекти.

На интернет нема транскрипти од повици преку Ватсап во потребен квантитет за да се истренира модел. Конечниот производ бил обучен со база од приближно 100 милијарди кажани зборови.

Кога некој телефонски закажува средба пред училиште, тоа не е интересно (за разузнавачите). Но за ваков модел, тоа е злато, вели еден од изворите.

И американската агенција ЦИА создаде алатка слична на ЧатГПТ за филтрирање на достапни информации. Британските шпионски агенции развиваат сопствени модели, тренирани со отворени податоци.

Брајана Розен, поранешна службеник за национална безбедност во Белата куќа, а сега висок научен соработник на Универзитетот во Оксфорд, објаснува дека алатка слична на ЧатГПТ може да му помогне на разузнавачки аналитичар да открие закани, дури и пред да се појават. Но, постои и ризикот врз основа на лоши врски да донесе погрешни заклучоци.

Единицата 8200 користи и други системи со ВИ, како „The Gospel“ и „Lavender“, за борбените операции во Газа. Вештачката интелигенција се користи и за анализирање на пресретнати комуникации, за препознавање шеми и предвидувања и има важна улога при изборот на цели за бомбардирање.

ВИ најверојатно била користена за воздушниот напад во Газа во ноември 2023 година во кој загинаа четири лица, вклучително и три девојки. Извори на Асошиетед прес кажале дека нападот бил извршен по грешка.

6 март 2025 - 19:39