„Синдром на скршено срце“ воопшто не е толку безопасно како што се мислеше. Најновите истражувања покажуваат дека тој е речиси исто толку опасен како срцев удар. И тоа може да влијае на секого.
„Синдром на скршено срце“ (познат и како Такоцубо синдром) е болест која продолжува да биде мистерија за лекарите. Ненадејна, краткотрајна срцева слабост предизвикува, слично на срцев удар, пишува Дојче веле.
Научниците од Германија моментално ги истражуваат точните причини. Новите откритија фрлаат ново светло на оваа ретка болест.
Ненадејна срцева слабост
Срцето престанува да функционира без никакво предупредување – тоа го доживеала Габриела К. Таа изгубила свест за време на вечерата во ресторан каде била со семејството. Сè беше совршено во ред додека наеднаш не почна да се чувствува лошо. Почналажо да и се врти во главаата и пред да каже нешто, се онесвестила.
“Се чувствувате како повеќе да не сте господар на сопствените мисли и дека сè се случува надвор од ваша контрола. И тогаш, за жал, сè се случи многу брзо. Штом реков дека се чувствувам чудно, дека не можам да дишам, се изгубив”.
Опасност како инфаркт
Во болницата брзо стана јасно: Габриела К. не доживеала инфаркт, имала т.н. Такоцубо синдром. Јапонскиот лекар Хикару Сато бил првиот што ја опишал оваа срцева болест. Тој забележал дека срцевиот мускул е невообичаено деформиран, добивајќи облик на издолжена глинена тегла, која во Јапонија се користи како стапица за октопод и се нарекува Такоцубо.
Болеста е позната и како „Синдром на скршено срце“, бидејќи долго се веруваше дека предизвикувачот секогаш е интензивна емоција, или буквално – „скршено срце“. Вака го објаснува кардиологот Кристијан Темплин од Универзитетската клиника во Грајфсвалд.
„Претходно се мислеше дека е болест предизвикана од стрес. Познати беа само емоционалните предизвикувачи, како што се смртта на некој близок, малтретирањето на работното место и дијагнозата на сериозна болест. Меѓутоа, во последниве години, физичките предизвикувачи се повеќе се опишуваат, а денес, всушност, физичките предизвикувачи се почести отколку емоционалните.
Физичките предизвикувачи вклучуваат акутни невролошки заболувања, како што се мозочен удар, епилепсија или мозочно крварење. „Има и пациенти, околу една третина од нив, кај кои не може да се идентификува предизвикувач“, вели д-р Темплин.
Габријела К. е една од оние за кои засега останува непозната причината за оваа тешка срцева болест. Деновите по нејзиниот колапс во ресторанот беа вистинска борба, бидејќи нејзиното срце повеќе не работеше со полн капацитет.
Најновото истражување покажува: „Стапката на смртност кај Такоцубо синдромот е слична на онаа на срцев удар“, вели кардиологот Томас Штирмаер од Универзитетската клиника во Либек.
Што се случува во срцето?
Кај Такоцубо синдромот, левата комора на срцето станува издолжена на долниот крај, како долг балон и повеќе не пумпа, додека средниот дел од срцето брзо пумпа за да се компензира – но безуспешно.
Во исто време, постои ризик од повеќе компликации, како што е откажување на левата вентрикуларна пумпа, објаснува Кристијан Темплин. „Кога тој дел пумпа премногу, крвта тешко се исфрла од левата комора, па притисокот во главната комора се зголемува. Ова може да доведе до откажување на пумпата.
Можни сериозни последици
Поради акумулација на крв во издолжената срцева комора, може да се формира згрутчување, т.н. тромб. Доколку дојде до мозокот преку крвните садови, може да предизвика мозочен удар.
Дополнително, Такоцубо синдромот предизвикува пад на срцевата функција и пациентите често колабираат, како што доживеала Габриела К. Ова е причината зошто Такоцубо синдромот е секогаш случај за итна медицинска помош.
Истражувачите сакаат да ја откријат причината
Сè уште не е јасно што точно го предизвикува синдромот Такоцубо. Истражувањата се спроведуваат на неколку универзитетски клиники во Германија, вклучувајќи ги и оние во Хајделберг, Грајфсвалд и Либек. Во оваа третата, Томас Стирмаер, меѓу другото, проучува кои воспалителни клетки се активни кај Такоцубо синдромот и кои би можеле да бидат предизвикувачи.
„Постојат различни клетки од важност во имунолошкиот систем, и само кога ќе откриеме кои се клучни за синдромот Такоцубо, на крајот ќе можеме да ги таргетираме со одредени лекови. Засега, ние сме на нивната трага“.
Патофизиологијата или точниот тек на болеста сè уште не е разјаснета. Досега е јасно: Такоцубо синдромот може да изгледа како срцев удар, но фундаментално е различен. За разлика од срцев удар, кај Такоцубо синдромот не се блокирани крвните садови, ниту пак дел од срцевиот мускул умира.
Досегашниот третман е само неспецифичен: на пациентите им се даваат лекови кои се користат и за срцева слабост, со цел да се стабилизира срцето. Целниот третман станува возможен само кога механизмите на болеста се целосно разјаснети.
Најопасна фаза се првите неколку дена по ненадејниот почеток на болеста. После тоа, во многу случаи, срцевиот мускул се обновува. Потребни се приближно осум недели за срцето да се врати во нормална функција.
Така беше со Габриела К. За среќа, таа денеска повторно се чувствува добро.