Свет
Кенеди го поддржа Трамп: „Секој абортус е трагедија, треба да се контролира“

Кандидатот на Доналд Трамп за министер за здравство, Роберт Кенеди Џуниор, денеска на сослушување пред Сенатската комисија за финансии изјави дека државата треба да го контролира абортусот и дека се согласува со Трамп во неговиот став дека секој абортус е трагедија.
Кенеди, кој ги поддржуваше правата за абортус за време на неговата претседателска изборна кампања, целосно го поддржа ставот на Трамп за абортусот на сослушувањето, а некои сенатори го критикуваа дека „често се предомислува“ по ова прашање.
„Се согласувам со претседателот Трамп дека секој абортус е трагедија. Се согласувам со него дека не можеме да бидеме морална нација ако имаме 1,2 милиони абортуси годишно. Се согласувам со него дека државите треба да го контролираат абортусот“, рече Кенеди како одговор на прашање од републиканскиот сенатор Џејмс Ланкфорд.
Сенаторот Рон Вајден од Орегон предупреди дека Кенеди не треба да биде секретар за здравство бидејќи тој наводно поддржува „теории на заговор“ за вакцините.
Кенеди претходно рече дека „нема вакцина што е безбедна и ефикасна“, но во воведното говорење на сослушувањето, тој рече дека сите негови деца биле вакцинирани, според АП.
На прашањето за патувањето во Самоа во 2019 година, тој рече дека неговата посета не е поврзана со вакцини и дека поддржува американска програма која носи лекови за ХИВ во земјата.
Според АП, Кенеди се сретнал со официјални лица во Самоа кои отворено се противат на вакцините, а неколку месеци подоцна избувна епидемија на сипаници во која починаа 83 лица, главно деца.
Кенеди ја негираше оваа наводна вмешаност во епидемијата на сипаници и рече дека ги поддржува вакцините против мали сипаници и детска парализа.
„Нема да направам ништо што им отежнува на луѓето да добијат некоја од тие вакцини“, рече тој. Тој се осврна и на епидемијата на дебелина, а според податоците од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), околу 20 отсто од децата и адолесцентите се дебели, додека стапката на дијабетес кај децата продолжува да расте меѓу два и пет отсто годишно.
Иако Сенатот сè уште не отфрлил ниту еден предлог на Трамп во Сенатот, кој е под контрола на републиканците, кога станува збор за именувањето на Кенеди, мислењата се поделени, како кај конзервативците, така и кај либералите, поради контроверзните ставови на Кенеди, пренесува Ројтерс.
Демократскиот лидер во Сенатот, Чак Шумер, го критикуваше Кенеди за неговото противење на вакцините, означувајќи го како „најопасниот кандидат за здравјето на Американците“.
И додека некои републиканци, како сенаторот Бил Кесиди, не се согласуваат со неговите ставови за вакцините, Кенеди истакнува дека не е против вакцините и дека верува во нивната важност за здравјето, бидејќи и неговите деца се вакцинирани, според медиумот.
Кенеди, исто така, планира да се фокусира на решавање на хроничните болести.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Сијарто: Нападите врз нуклеарните централи во Украина се „неприфатливи“

Нападите врз нуклеарните централи во Украина се „неприфатливи“, а мирот е најдобра гаранција за нивно избегнување, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто по денешниот телефонски разговор со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси.
Како што наведе, Гроси оценил дека иако нападот на централата во Чернобил со право предизвика загриженост во Унгарија, објектот може да издржи многу поголемо влијание.
„Затоа, ниту по инцидентот, ниту оттогаш нема закана од нуклеарна катастрофа. Сепак, се согласивме дека нападите врз нуклеарните централи се неприфатливи и дека нуклеарната безбедност мора да биде загарантирана“, напиша Сијарто на Фејсбук.
Сијарто, исто така, истакна дека двете страни силно ги поддржуваат напорите на САД за ставање крај на војната во Украина.
– Мирот е гаранција дека во иднина може да се избегнат провокации и напади врз нуклеарни постројки – нагласи шефот на унгарската дипломатија, пренесува МТИ.
Тој им се заблагодари на персоналот на МААЕ кој во воени услови ја гарантира безбедноста на украинските нуклеарни централи.
Свет
„Намали го тонот и потпиши го договорот“: порака на советникот на Трамп до Украина

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц, се огласил за „Фокс њуз“ со остра порака за Украина.
„Ројтерс“ објави дека тој рекол оти Украина треба „да го намали тонот, добро да размисли и да го потпише договорот“ во кој САД бараат 500 милијарди долари од рудното богатство на Украина.
Мајк Волц рече дека отпорот на Украина кон договорот и начинот на кој Трамп води мировни преговори е едноставно неприфатлив имајќи предвид сѐ што направија САД за Украина, според написите во светските медиуми.
Сепак, тој инсистирал на тоа дека овие разлики во ставовите може да се помират бидејќи „претседателот исто така кажа колку го сака украинскиот народ“.
Тој ги негира тврдењата дека не биле консултирани сојузниците на САД и Украина.
„За ова постои термин во дипломатијата. Тоа се нарекува шатл-дипломатија бидејќи носењето сите на маса одеднаш, едноставно, во минатото не функционира“, рекол тој.
Свет
Шолц: Украина не е виновна за руската агресија

Германскиот канцелар Олаф Шолц ја истакна важноста да се задржи отворена перспективата за членство на Украина во Европската Унија и во исто време силно ги отфрли обвинувањата дека самата Украина е виновна за руската инвазија.
„Украина не смее да се задржува во својата одлука да биде демократска, независна нација на својот пат кон Европа“, рече Олаф Шолц.
Тој ги отфрли обвинувањата на американскиот претседател Доналд Трамп против Украина дека таа е виновна за руската инвазија.
„Украина не е виновна. Ние во Европа инсистираме на тоа“, рече Шолц.
Тој рече дека во секој иден договор меѓу Русија и Украина треба да се дефинира дека на Украина ѝ е дозволено да има силна армија.
По средбата меѓу САД и Русија во Саудиска Арабија и изјавата на американскиот потпретседател Џеј ди Венс на Минхенската безбедносна конференција минатиот викенд, Германија ги отфрли обидите за одлучување за судбината на Украина, без учество на Европската Унија.