• Мартин Танасковски

Борец го чека тешка борба за опстанок во Втората лига на Македонија, но постои и друг проблем. Во клубот владее негативна атмосфера, а дојде и до раскин на договорот со искусниот дефанзивец Стојан Стојчевски.
Клубот тоа го соопшти на социјалните мрежи, од каде истакна дека играчот бил непрофесионален. Во продолжение, обраќањето на Борец во целост кое е поврзано со 32-годишниот играч.
„Фудбалскиот клуб Борец 1919 ја информира јавноста дека денес донесе одлука за прекин на соработката со дефанзивецот Стојан Стојчевски.
Оваа одлука е резултат на низа настани кои не се во согласност со професионалните стандарди и вредностите што нашиот клуб ги негува. По слабите настапи на натпреварите против дирекните конкуренти за опстанок во лигата, ФК Осогово и ФК Победа, каде што играчот беше директно инволвиран во ситуациите кои доведоа до примање на три гола, како и единствениот погодок против Победа, ситуацијата кулминираше на натпреварот против ФК Скопје, кога Стојчевски самоволно го напушти тимот по дознавањето дека не е вклучен во првиот состав. Тој никого не го извести зошто си замина и зошто не седеше на клупата на овој натпревар тоа само тој знае.
Инаку Стојчевски е единствен фудбалер во клубот кој ја имаше земено и априлската плата со образложение дека има итна опрерација за некој член од семејството.
Раководството на ФК Борец 1919 смета дека ваквото однесување е во спротивност со клупската етика и го нарушува тимскиот дух и единство, кои се клучни за остварување на нашите спортски цели.
ФК Борец 1919 останува посветен на градење на професионален и одговорен тим, кој ќе ги претставува клупските бои со најголема чест и ќе се бори за поголеми успеси со целосна посветеност.“, велат од Борец.
На написот на велешани и обвинувањата, се огласи и фудбалерот Стојчевски, играч со долго искуство во македонскиот фудбал и настапи за повеќе прволигаши. Тој ја кажа својата страна на приказната со реплики до управата и зошто дошло до прекин на соработката.
„Никогаш не сум се обратил јавно, сум немал ни потреба. Но за ваква управа предводена од пајташи, морам. Прво старата поговорка ако не можеш по магарето удри по самарот е чист пример за оваа управа што го води клубот. Истата таа управа два месеци не ми ги исплати парите што бев договорен со образложение дека чекаат пари од ваучер, па чекаат од лотарија и слични лаги класични за нашиот фудбал.
Таа иста управа што на пат не праќаше со комбе и со два пакета вода. Истата управа што наредиле на економот да не се троши вода и да се пере опремата на три дена, истата управа да дојдеше да види во каква состојба беа тоалетите едноставно да фатиш шуга. Истата управа за една полусезона освои пет бода, што сега ги имавме за две-три кола. Истата управа што си ги викаше другарите да им навиваат на натпревари, да се закануваат дека биле под дејство и ќе ни направеле проблеми.
Самата управа ги избрка велешките деца им им ги затвори вратите бидејки тие никогаш не го оставија клубот на цедило и ги избркаа за да не им ги исплатат заработените пари. До каде им е дојдено е и факт дека мешаат семејство во нивните објави.
Во ниеден момент не се каам што си заминав, можеби требаше и порано, но се правев слеп на нивните лаги. Играв и во Еуромилк во рамки на Tретата лига, но за оваа управа тие се Реал Мадрид.
Уште еднаш испаѓаат смешни, со нивното соопштение мојот морал никогаш нема да го бутнат, добро е да види јавноста за какви (не)луѓе станува збор и следните играчи да размислат дали би отишле во ваква екипа.“, гласи обраќањето на Стојчевски.
Борец е претпоследен на табелата во Втората лига, има десет освоени бода и битката за опстанок до крајот ќе биде тешка.