Дирекцијата за
технолошко-индустриски развојни зони платила преку половина милион евра за
студија за формирање на „зелена зона“ со јавно-приватно партнерство во
Гевгелија, за што потоа се испоставило дека нема интерес од приватни оператори,
објави Фактор. Како што
наведуваат во 2023 биле исплатени 30.342.000 денари, а претходно уште 1.129.000
денари за консултантски услуги од „Моравчевиќ Војневиќ и Партнери АСД Белград“
за изработка на комплетна документација за избор на партнер за Јавно-приватно
партнерство ТИРЗ Гевгелија. Ова е наведено како фуснота во извештајот на
независниот ревизор за работењето на Дирекцијата.
Управниот одбор
на Дирекцијата која управува со слободните индустриски зони лани на 17 мај
донесува „Одлука за поништување на постапка за доделување на Договор за
воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, финансирање,
изградба, управување и одржување на Технолошко-индустриска развојна зона
Гевгелија“. Истата одлука потоа е прифатена и од Владата на 26 ноември.
Од Дирекцијата за
ТИРЗ за Фактор соопштиле дека во 2024 немало исплати кон оваа консултантска
куќа, но и се покажало дека нема интерес од потенцијални приватни партнери за
преговарање околу проектот.
Тогашниот
директор на ТИРЗ изјави дека во согласност со новиот концепт на ТИРЗ за
привлекување инвестиции, индустриската развојна зона Гевгелија ќе се фокусира
на поддршка на зелените индустрии во согласност со зелената агенда на ЕУ, а
покрај производствените компании во зоната ќе има можности за инвестиции
поддржани од државата во секторот на здравствени услуги.
– Целта е некаде до крајот на годината, откако ќе добиеме
повратен одговор од потенцијалните корисници или од сите други заинтересирани
страни, да ја финализираме студијата и очекуваме некаде на почетокот на
наредната година да ја презентираме на Владата, истакна Деспотовски.