Американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови царини за речиси сите земји во светот со кои САД имаат некој вид трговски односи. И додека дебатата е за тоа како тарифите ќе влијаат на автомобилската индустрија и на просечниот Американец, Mobile World Live анализираше како тие ќе влијаат на ИТ индустријата.
Главниот аналитичар на CCS Insight, Бен Вуд, изјави за Mobile World Live дека американските тарифи веројатно тешко ќе ги погодат Apple и Samsung, што, пак, ќе резултира со повисоки цени за крајните потрошувачи во САД.
Тој посочи дека овие две компании го имаат најголемиот удел на пазарот на паметни телефони во САД, што сега може да се покаже проблематично, бидејќи тие се потпираат на производството на уреди во Кина и Виетнам, земји на кои Трамп им наметна некои од највисоките царински стапки (Кина 34%, што е вкупно 54% бидејќи претходно беше воведена тарифа од 20%, Виетнам 46%).
Ако ништо не се промени набрзо, малопродажните цени на паметните телефони и другата електроника за широка потрошувачка веројатно ќе мора да се зголемат, вели Вуд.
Ова ќе остави трага на профитните маржи на Apple, Samsung и другите производители на електроника за широка потрошувачка. Според Вуд, производителите ќе се обидат да избегнат големо поскапување со „ублажување на некои дополнителни трошоци“, но зголемувањето на цената сепак ќе се случи. Прашањето е само кога и како.
Вуд потсетува дека трансферот на производството од Кина во други азиски земји донекаде им помогна на компаниите, бидејќи земјите во кои се одвива најголемиот дел од производството воведоа пониски царински стапки (од 24% до 26%).
За потсетување, еден од најголемите добавувачи на Apple, Foxconn, го префрли најголемиот дел од своето производство во Индија и Виетнам, а во изминатите шест месеци набави опрема вредна 32,3 милиони долари за своето работење во Индија, како дел од планот за зголемување на капацитетот за Apple.
Samsung се соочува со слични тешкотии, истакнувајќи дека дури и ако ги произведува сите свои уреди исклучиво во Јужна Кореја, ќе мора да плати царина од 25% за увоз во САД.
Се проценува дека високите царински стапки на производите од Кина и Тајван ќе имаат најголемо влијание врз ИТ индустријата, бидејќи токму од тие две земји доаѓаат голем број чипови и други електронски компоненти кои се инсталирани во производи како автомобили, компјутери и уреди за широка потрошувачка. Според аналитичарите, тоа може да доведе до зголемување на цените на електрониката за широка потрошувачка, дури и на оние произведени во САД, бидејќи делови за овие производи компаниите масовно ги увезуваат од други земји.
Се очекува дека американските царини, а потоа и одговорот на другите земји, ќе резултираат со големи промени во светската трговија. Некои проценки сугерираат дека тарифите за електронски уреди и чипови од Кина, всушност, може индиректно да придонесат за дополнителен развој на кинеските производители на потрошувачка електроника и електрични возила.
Интересно е што царинските стапки се фокусирани првенствено на физички производи, додека индиректно се однесуваат на, на пример, софтвер и услуги. Сепак, тоа не значи дека софтверските компании и различните дигитални платформи се имуни на царинските тарифи. Имајќи предвид дека големите ИТ компании имаат седиштa во САД, примената на реципрочни тарифи, како што е инструментот против принуда на Европската унија, може да резултира со воведување тарифи за онлајн услугите.
Oвие царински стапки на САД треба да стапат на сила на 9 април 2025 година.
(Zimo)
(фото: Free Malaysia Today)