Собраниската Комисија за прашања на избори и именувања денеска ќе одржи седница за Проверка на кандидатурите доставени по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 55/2025).
Триесет и седум кандидати се пријавиле на Јавниот конкурс за именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија, но дали сите ќе се претстават пред Комисијата за прашања на избори и именувања зависи од тоа колку од нив ги исполниле условите од јавниот оглас.
Програмскиот совет на МРТ има 13 членови кои ги избира Собранието по предлог на овластен предлагач. Советот има претседател и заменик претседател. Собранието ги избира со двотретинско мнозинство. Мандатот на членовите на Програмскиот совет е пет години со право на уште еден последователен мандат.
За да ги исполнат условите кандидатите за членови на Програмскиот совет на МРТ треба да се државјани на Република Северна Македонија, да имаат високо образование, работно искуство од најмалку осум години во струката, кои се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото, од значење за Програмскиот совет.
Кандидатите треба да достават изјава заверена на нотар дека ги исполнуваат условите од ставот 1 на оваа точка, односно од членот 117 став (2) од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и документи како докази со кои ќе го докажат нивното исполнување. Тие се должни да достават кандидатура во која детално го наведуваат своето работно искуство и писма на поддршка од: најмалку две граѓански организации кои се активни подолго од пет години во областа на унапредувањето на човековите права, медиумите и демократијата и кои постигнале релевантни резултати во областа во која дејствуваат или најмалку едно новинарско здружение или најмалку две здруженија од областа на културата (здруженија на ликовни уметници, писатели, филмски работници и слично) или релевантно здружение, асоцијација или комора од областа на информатичкокомуникациски технологии и услуги или најмалку две високо-образовни установи кои имаат студиски програми од областа на комуникологијата, новинарството, уметноста, економијата или правото.
Кандидатите треба да достават акти за основање и регистрација на организациите, здруженијата и установите кои дале поддршка за нив и документи дека ги исполнуваат барањата од ставот 1 на оваа точка.
При кандидирањето треба да се има предвид членот 119 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој се однесуват на тоа кој не може да биде член на Програмскиот совет на МРТ, односно на неспоивост на функции.
Кандидатите со кандидатурата доставуваат изјава заверена на нотар во која наведуваат дека ги исполнуваат сите услови за спречување на конфликт на интереси од членот 119 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.