Цијанид неколку стотици пати над дозволеното во Крива Река како што тврдеше градоначалникот -нема, тврдат од Државниот инспекторат за животна средина. Дека на денот на инцидентот кога пукнала цевка во рудникот Тораница инспектори не зеле мостри потврди директорката Ивана Гиновска, но вели дека на нејзино барање биле направени мерења на шест локации без да каже кога се земени мостри, ниту што покажале резултатите. Вели целата документација ќе ја достави во обвинителство.
„Резултатите кои беа прочитани од страна на градоначалникот не беа најверојанто точно прочитани затоа што тој на својата прес конференција направи паника во населението и рече дека неколку стотици пати над дозволено има цијанид. Цијанид нема неколку стотици пати над дозволеното. Според нивните анализи има за 10-тици пати од дозволено, според анализите кои се направени од Булмак и риболовното друштво Мрена во ЦЈЗ куманово таму не се испитувани цијаниди. Од Булмак нема цијаниди, а во извештаите кои ги имам јас кои се направено исто така од акредитирана лабораторија цијаниди во Крива река има помалку од 2“, вели Ивана Гиновска директорка на државен инспекторат за животна средина.
Гиновска вели загадување има, се излеала јамска вода, но во какви размери е загадувањето и дали е за кривична одговорност не може предвреме да каже. Додава дека екоцид не се докажува со земање литар вода од едно место, а за ширење паника се одговара кривично.
„Сите анализи ќе ги доставиме во обвинителството и нашите и на Мрена кои ги има напревено и на Булмак и на градоначалникот и последниот суд ќе го дадат вештите лица. До нас ако стигне дека има последици врз животната средина никој нема да биде поштеден“, вели Ивана Гиновска директорка на државен инспекторат за животна средина.
Од иницијативата о2 велат дека доставиле барање до министерот за животна средина да се изврши независно супервештачење на теренот, со цел утврдување на степенот на загаденост и изворот на загадување на околината, реките, околната почва и влијанието врз живиот свет.
Градоначалникот на Крива Паланка, минатата недела објави дека Крива река е загадена со цијанид и олово од рудникот, а тврдењата ги отфрли Тораница.
Во Јавното обвинителство е отворен предмет и се собираат докази со цел да се испита дали има евентуална кривична одговорност при загадувањето на Крива Река од рудникот „Тораница“ чиј концесионер е фирмата „Булмак 2016“.
Симона Петровска