Македонија

СДС е мало дете на кое ништо не може да му се погоди, вели Манасиевски откако опозицијата ги нападна по апсењето на обезбедувачот на Мицкоски

Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, прашан како го коментира случајот во кој е уапсена личност од обезбедувањето на премиерот?, вели дека очекувал од СДСМ да ја поздрават акцијата на МВР, но тие се однесуваат како дете на кое ништо не може да му се погоди.

„Наместо да ја поздрават акцијата на МВР и да научат како државата мора да ги победува тие кои ја злоупотребуваат, СДС како дете на кое ништо не може да му се погоди, само реагираат колку да кажат нешто, а во недостаток на автентична политика и конкретни и реални решенија. На СДС не му сметаше тоа што ДУИ владееше со улиците во Скопје и што заедно со мафијашките кланови кои сега се зад решетки хараа и уништуваа животи низ главниот град преку рекети, дрога, убиства и лихва, тогаш СДС молчеше и соработуваше со нив, но сега им смета тоа што се апсат сите кои несовесно се однесуваат во службата. Вакво лицемерие ниту имало, ниту ќе има. Токму затоа и поддршката на СДС е не цели 7 проценти. Ако не апси МВР лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ тогаш СДС обвинува за селективност, ако апси МВР блиски до ВМРО-ДПМНЕ, тогаш СДС обвинува нешто друго. Човек крај не може да им најде на овие луѓе. Но, тоа нема да не поколеба да водиме бескомпромисна борба против корупцијата и злоупотребите што се рак рана на македонското општество и што како начин на однесување е сериозен проблем за институциите надграден и усовршен од СДС и нивното последно 7 годишно владеење“, рече Манасиевски.

Ова доаѓа по обвинувањата на СДСМ, дека обезбедувачот на Мицкоски кој беше уапсен, немал допир до информациите и документите кои ги поседувал, па праша: кој му ги давал?

„Вчера, неговиот личен избор за обезбедување, Ангел Самараков, беше фатен како оддава службени тајни на лица од Грчец. МВР цел ден се обидуваше да го скрие скандалот, но под притисок на медиумите кои ја дознаа вистината, беше принудено да излезе со информација во јавноста. Ова ли се луѓето што ќе го „ресетираат“ системот? – прашуваат од СДСМ.

На почеток