• Мартин Танасковски

Пред неколку дена Мемфис Гризлис решија да му врачат отказ на тренерот Тејлор Џенкинс, чиј тим беше на четвртото место на Западот, непосредно пред крајот на сезоната. Нов, привремен тренер е Финецот Туомас Исало.
Тренерот Џенкинс на клупата на тимот од Тенеси го замени неговиот помошник, феноменалниот фински стручњак кој работеше како негова „десна рака“. Се работи за тренерот кој го „откри“ Ти-Џеј Шортс, македонскиот репрезентативец кој сега е еден од најдобрите играчи во Евролигата. Двајцата прво соработуваа во Бон, а потоа и во Париз, од каде Исало замина во НБА.
Кошаркарската филозофија на Исало се заснова на напад. Тимовите кои ги водеше со голем успех играа многу брза и атрактивна напаѓачка кошарка, со многу преодна игра, стил кој не е секогаш гаранција за успех, но за Финецот популарната кошарка „run and gun“ донесе феноменални резултати во секоја од екипите што ги водеше.
Нема да е изненадување ако Исало остане тренер на Мемфис и во следната сезона, затоа што во него се верува дека ќе ја стабилизира екипата.