Кристина Костова, една од потпретседателките на СДСМ, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашува зошто министерот за внатрешни работи не поднесе оставка и како е можно во опсежната истрага за пожарот во Кочани да не бидат опфатени припадници на МВР кои биле на позиции и на служба на денот на трагедијата

360°: Актуелно е проширувањето на истрагата за пожарот во Кочани, кој, за жал, одзеде 61 живот. Досега се осомничени вкупно 52 лица и три фирми – според вас, како се одвива истрагата?
Костова: Она што, за жал, го гледаме е крајно селективна, пристрасна и истрага којашто оди во насоки во коишто бега од оние што се директно одговорни по закон.
360°: 52 лица се осомничени, не знам дали за некој случај имало толку обемна истрага во смисла на опфат на осомничени?
Костова: Цифрите кажуваат едно, но фактичката состојба и она што законите го налагаат, кажуваат друго. Има закони според кои јасно е пропишана одговорноста на функционерите во МВР, и тоа функционери во различни делови и оддели во МВР – дали се тоа СВР Штип, ОВР Кочани, Биро за јавна безбедност, самото Министерство за внатрешни работи, кои морале да постапуваат вечерта кога се случила таа најголема и најстрашна трагедија од осамостојувањето до денес, а за кои гледаме дека се исклучени и сè уште се исклучени од истрагата. Станува збор за лица кои во согласност со своите работни активности, одговорности и функции кои ги носеле како началници и слично, имале одговрност, меѓу другото, да направат план за постапување за таков голем настан. Исто така, имале одговорности и да го обезбедат настанот со соодветен број полицајци, полициски службеници, но и со, на пример, ако постапеле соодветно на законските одредби, ќе имало присуство и на противпожарна бригада, ќе имало присуство и на Брза помош и доколку тие постапеле во согласност со, значи зборуваме за началниците и за функционерите во различните структури на МВР, актуелни на денот кога се случило несреќата, доколку тие постапувале согласно законските одредби, тогаш голема била веројатноста да се намали размерот на оваа трагедија, па дури можеби и да се спречи или да се намали размерот на она што значеше толку голем број – 61 млад живот замина таа ноќ.
360°: Факт е дека истрагата се прошири во еден сегмент, но без намера да бидам адвокат на обвинителството, дел од истрагата за полицијата се одвива одвоено во друг предмет кој го води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Логиката вели дека веројатно и таму истрагата ќе се шири, но засега тоа не го гледаме.
Костова: Засега тоа воопшто не го гледаме. Гледаме само некои сензационалистички изјави за медиуми со кои упорно се обидуваат одговорноста да ја префрлат на претходните, а законите јасно кажуват дека првичната одговорност, одговорноста за настанување на пожарот, користењето на тие пиротехнички средства, кој ги издава лиценците за користење на тие пиротехнички средства, обезбедувањето на настанот за кој полицијата морала да знае, со нивно непостапување се овозможило до тој степен и до тој размер да отиде ова трагедија. Но, исто така, овде има еден клучен проблем, а тоа е што на самиот ден ќе беше чесно Тошковски да си поднесе оставка како морален чин, зашто Тошковски во сите овие денови, еве веќе четири недели по несреќата, седи во фотелјата на министер за внатрешни работи, кој, ај што е најодговорен од една страна, ама исто така, со водењето на истрагата и ако сè уште се задржи на таа позиција, а го гледаме дека се одржува, самата функција му дава можност да врши влијанија, да ја води истрагата и текот на истрагата во насоки кои можеби му одговараат.
360°: Вие приговарате на текот на истрагата што ја води Јавното обвинителство. На чело на таа институција е човек избран со гласовите на СДСМ и ДУИ за време на вашиот последен мандат. Значи, сте избрале човек што не заслужува да биде на таа позиција?
Костова: Кога станува збор за работата на Јавното обвинителство, особено во последниве четири недели, прашањата за таа работа треба да му се постават на Мицкоски. Како тоа Мицкоски, пред нешто повеќе од четири недели, заговараше улични притисоци и пресметување токму со лица од Јавно обвинителство, вклучувајќи го и именуваниот, за оддеднаш, откако се случи тоа, за 180 степени да се преориентира и одеднаш станува задоволен од начинот на кој Коцевски работи. На Мицкоски треба да му се постави прашањето дали неговото задоволство потекнува од тоа што истрагата не се води по текови кои одат во насока на нотирање, на детектирање на одговорните од МВР, оние кои по неколку ставки, по 7-8 ставки, се првично одговорни, за разлика од сите останати претставници на институции и сите претходни вршители на должности и функции во различните инситуции.

360°: Тоа нели се прашања за Коцевски кој беше избран со вашите гласови?
Костова: Тоа се прашања коишто ги поставуваат правните експерти, прашања коишто се поставуваат во јавноста деновиве не само од СДСМ и не само од луѓе поврзани со СДСМ. Вие забележувате бројни правни експерти кои што излегуваат деновиве и во текот на изминатите неколку недели коишто укажуваат на тоа и алармираат затоа дека истрагата не се води во правилен тек, а тоа се луѓе коишто немат никаква поврзаност со СДСМ.
360°: Госпоѓо Костова, истрагата не ја води Мицкоски, ниту Тошковски. Истрагата формално ја води Јавното обвинителство, а таму шеф е Љупчо Коцевски кој е избран со гласовите на СДСМ.
Костова: Ние, во текот на овие четири недели, слушнавме и видовме изјави од Мицкоски во кои тој, според тие изјави, јавноста добива впечаток дека тој не ја презема улогата на премиер, туку ја презема улогата на истражител, на обвинител, па дури и на судија. Тој си даде за право да дава такви несмасни изјави за тоа дека градоначалникот на Општина Кочани воопшто не бил виновен, за потоа да ја преиначи таа изјава. Мицкоски си дава за право да кажува во која и дали во правилна насока оди истрагата, што е невиден преседан, но исто така, е особено загрижувачки за правната јавност.