Фитиљ „диригира“, егал на Македонија и Унгарија во Вараждин

Ракометарите на Македонија и Унгарија одиграа егал полувреме (14-14) на отворањето на Светското првенство во Вараждин. Избраниците на Кирил Лазаров одиграа храбро, дрско и полувреме со целосна самодоверба, а „Фалангата“ беше осми играч и им даде ветер во грб на ракометарите. За жал поради грешките во финишот испуштивме предност од три гола за егал на полувремето.

Унгарците отворија со гол на Илиќ, иако топката се одби од блокот. Добро за нас беше што веднаш вративме преку Марко Митев, ама Илиќ одново ја врати позитивата по брз центар. Направивме техничка грешка, меѓутоа Митревски ја забележа првата интервенција. Одново погрешивме, па Унгарија поведе со 3-1. Од крило за Македонија реализира Костески, а потоа примивме два гола за првпат да бркаме три негатива. Успеавме двапати да се одбраниме и преку Кузмановски и Велковски намаливме на 5-4. Одново Унгарија погреши, па со „топовски“ удар од девет метри капитенот Кузмановски израмни на 5-5. Неколку напади на двете страни беа брзоплето нереализирани, а потоа Македонија првпат поведе со гол од пенал на Серафимов (5-6) во 12. минута. Митревски се надоврза со одбрана и во брза транзиција поведовме со „плус два“.

Понесени од атмосферата како да се игра натпревар во Скопје нашите ракометари пак се одбранија и Кузмановски одговори со четврти свој гол за 6-9, а тоа го натера селекторот Чема Родригез на прв тајм-аут. Ниту тоа не вроди со плод, Митревски повторно одбрани, па Кузмановски пак реализира и поведовме со четири разлика. Врзаа ривалите два погодоци и се вратија на 8-10, а потоа не реализиравме пенал. Во клучен момент искусниот македонски голман му фати зицер на Банхиди, па во нападот веќе како по традиција погоди Кузмановски (8-11). Врзаа Унгарците два гола преку Илиќ и Лекаи за враќање на „минус еден“. На тоа имаше наш одговор и голови на Митев и Пешевски за 10-13. Водството варираше до крајот на полувремето, а со неколку грешки го испуштивме водството (14-14). 

Апсолутно најдобар на паркетот беше Филип Кузмановски со шест реализации, додека исто толку одбрани имаше и голманот Никола Митревски.