Со оглед на тоа што иднината на примирјето меѓу Израел и Хамас е неизвесна, арапските лидери се состанаа во Каиро за да разговараат за долгорочната иднина на Газа. Планот предложен од Египет, кој беше одобрен од останатите арапски лидери на Самитот, бара палестинската самоуправа да преземе водечка улога во обновата на Газа заедно со Комитетот на независни палестински технократи.
Планот предвидува распоредување мировни сили на ОН во Газа на шест месеци. Тоа не вклучува никакво спомнување за разоружување на Хамас, основно барање и на Израел и на американската администрација.
„Раководството на Хамас надвор од Газа веќе со месеци јасно стави до знаење дека се подготвени да се откажат од управувањето во Газа во корист на непартиска, цивилна, професионална технократска влада. Но, прашањето со кое раководството на Хамас не се занимаваше адекватно е за нивното оружје и нивните вооружени сили“, вели Гершон Баскин, поранешем израелски преговарач.
Водачот на Хамас, Сами Абу Зухри, вели дека организацијата нема да го положи оружјето, отфрлувајќи ја самата идеја. Баскин вели дека во отсуство на алтернатива, Хамас ќе се врати на теренот во Газа.
„Стравувам дека со оглед на тоа што во Газа во основа не остана ниту еден од политичкото раководство на Хамас и повеќето од старите воени лидери беа убиени од Израел во војната, луѓето кои сега покажуваат дека се на власт се млади офицери од втор, трет, четврти ешалон, кои имаат финансиски способности да регрутираат нови млади луѓе, да им дадат 200 долари, за повторно да облечат униформа“, вели Баскин.
Арапските лидери на Самитот во Каиро изјавија дека планот на претседателот Трамп, наречен „Ривиера на Газа“ со кој САД би ја презеле Газа, а нејзините два милиони палестински жители да заминат во други арапски земји - е неприфатлив. Тие велат дека жителите на Газа мора да останат во Газа и покрај масивното уништување од 16-те месеци војна. Спротивно на тоа, израелската влада го прифати планот на Трамп и не предложи алтернатива. Некои израелски аналитичари велат дека постојат опции за независно палестинско владеење.
„На местото на Хамас треба да дојде некорумпирана, умерена личност од Палестинците, кој ќе управува под капата на Палестинската самоуправа. Но, не некој, директно од Палестинската управа кој ќе раководи со Западниот Брег, кој е многу корумпиран, слаб во управувањето и сè уште доста екстремен. Има еден таков политичар, а неговото име е Салам Фајад“, вели Џонатан Рајнхолд, експерт од Универзитетот „Бар Илан“.
Салам Фајад е економист и поранешен палестински премиер кој беше избран како независен и држеше дистанца од наводната корупција на палестинската самоуправа.
Тој, исто така, има блиски врски со Обединетите Арапски Емирати, кои најверојатно ќе финансираат барем дел од реконструкцијата на Газа, која според процените на ОН ќе чини повеќе од 50 милијарди долари.
Арапскиот Самит ја повика меѓународната заедница да ја преземе севкупната одговорност за обнова на Газа.
Facebook Forum