Се очекува американски и руски претставници да се сретнат во Москва за да разговараат за предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот во руската војна во Украина.
Кремљ во четвртокот соопшти дека американските преговарачи се на пат кон Русија. Тоа уследи по коментарите во средата од Белата куќа дека специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе замине за Москва.
„Луѓето одат во Русија токму сега додека зборуваме“, им рече на новинарите американскиот претседател Доналд Трамп во средата. „И се надеваме дека можеме да добиеме прекин на огнот од Русија“.
Прес секретарот на Белата куќа, Каролин Левит, изјави за Фокс њуз дека советникот за национална безбедност Мајк Волц разговарал со неговиот руски колега во средата.
Американските власти претходно оваа недела се состанаа со украинските власти во Саудиска Арабија за да го претстават планот за прекин на огнот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги поздрави напорите на САД, велејќи дека Украина е „подготвена за прекин на огнот во траење од 30 дена како што е предложено од американската страна“.
Зеленски рече дека прекинот на борбите може да се искористи за да се создаде поширок мировен договор за конфликтот, кој започна со целосната инвазија на Русија на Украина во февруари 2022 година.
Делови од овој извештај се преземени од Associated press, Reuters и AFP.