Минатата недела почина 57-годишниот Тони Ангелковски, пациент на кого му требала итна реконструкција на аортата која му била разлистена, но не ја добил. Инспекцијата ги потврди тврдењата на семејството – ангиографската сала што му била потребна на пациентот не работела еден месец и на клиниката немало стент-графтови.
ДСЗИ бара министерот за здравство Арбен Таравари да формира стручна комисија за надзор за да се испита стручното работење на здравствените работници.
Процедурата за третман на Ангелковски, на државна Кардиохирургија не можело да се изведе поради немање материјали (стент-графтови за таква интервенција), а немале ни ангиографска сала во која единствено може да се изведе таква интервенција. Салата се реновирала и во неа се поставувал компјутер дури еден месец пред да дојде Ангелковски.
„Аневризма на аорта е сериозна дијагноза. Сè уште не сум го прочитал извештајот. Ќе треба да има веднаш и стручна комисија. Според моите информации, едната сала работела, меѓутоа кога ќе го видам извештајот ќе знам точно“,рече Таравари денеска во одговор на новинарско прашање.
Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека ќе се бара одговорност доколку имало пропуст или грешка за пациентот Т.А. од Скопје.
За тоа дали ќе се бара одговорност и дали инспекција ќе биде пратена и на приватната клиника од каде што пациентот бил вратен оти кај нив не можело да се оперира на товар на Фондот туку само приватно, Таравари беше со став:
„Секако дека треба доколку е вистина оти и во приватните клиники немало можност за операција“.
Приватната клиника „Жан Митрев„ тврди дека државната квота е веќе пополнета и наместо тоа, операцијата можеле да ја направат приватно што би ги чинело неколку илјади евра.