Србов пред лидерската средба: Во изминатите години, опозицијата беше целосно исклучена од политиките на владата, а тоа денес носи големи проблеми за државата

Темата за анкетна комисија ја отвори ДУИ, секогаш кога е засегнат некој нивен член, тие се спремни да создаваат кризна состојба, вели Србов за „Локално“ во пресрет на лидерската средба помеѓу Мицкоски и Филипче

од Даниел Ѓорѓиевски
118 прегледи

Во пресрет на првата лидерска средба помеѓу претседателот на владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче, на кои се очекува да биде разговарано на повеќе теми од општествен, социјален, економски и политички карактер, низ јавноста последниот период се погласно се шпекулира за можни предвремени парламентарни избори.

За можно сценарио и став за денешната лидерска средба „Локално“ побара мислење од политичкиот аналитичар и историчар Никола Србов, кој смета дека постојат реални можности за конструктивна средба помеѓу владата и опозицијата по прашањата кои на прес-конференција ги претстави лидерот на СДСМ. Тој нагласи дека, и покрај тоа што владата веќе работи на овие теми, важно е и опозицијата да даде свој придонес. Србов дополнително го нагласува фактот дека, според него, иако владата го отвори прашањето за правосудството, опозицијата сега сака да разговара на оваа тема. Србов истакна дека во образованието беа укинати дел од политиките на претходната влада, што евидентно донесе уназадување наместо напредок.

„Според она што беше изнесено во медиумите од премиерот Мицкоски и од претседателот на СДСМ, очекувам конструктивна средба по прашањата кои на прес-конференција ги претстави Венко Филипче. И покрај тоа што владата веќе работи на тие прашања, сепак е добро и опозицијата да даде свој придонес. Колку што можевме да слушнеме од Венко Филипче, тој ќе отвори теми за кои сите сме свесни дека треба да се работи, како што се образовниот систем, здравствениот систем, правосудниот систем и подобрувањето на администрацијата. Но, од друга страна, ова личи на еден вид подметнување кога темата за подобрувањето на функционалноста во сите овие области доаѓа од политичка партија која речиси до вчера можеше да спроведува реформи во овие сфери, а не стори ништо по овие прашања. Напротив, во областа на правосудството, рејтингот се урна на 2% доверба. Не е реално владата, која е конституирана пред 9 месеци, да биде фуриозно напаѓана од довчерашната власт, чиишто скор е моменталната состојба на институциите. Во изминатиов краток период, владата го отвори прашањето за правосудството и беше нападната токму од опозицијата која сега сака да разговара на оваа тема. Во образованието, беа укинати дел од политиките на претходната влада, кои евидентно донесоа уназадување наместо прогрес. И на крајот, кога зборуваме за здравствениот систем, мора да имаме на ум дека токму Венко Филипче беше министер за здравство и во својот мандат можеше да ги спроведе сите политики кои ги замислил. Исто така, можеме да забележиме и кооперативност кај владата. Во изминатите години, опозицијата беше целосно исклучена од политиките на владата предводена од СДСМ, што денес носи големи проблеми за државата. Затоа сметам дека доколку опозицијата има искрен пристап, тоа би била одлична подлога за дијалог и усогласување на политиките во сфери кои влијаат на нашето секојдневие како граѓани“, изјави Србов.

Србов смета дека владејачката партија располага со голема бројка на пратеници во Собранието, и тој нагласува дека заедно со коалиционите партнери им овозможува двотретинско мнозинство. Поради тоа, Србов нагласи дека не гледа потреба од предвремени избори, имајќи предвид дека во моментов постои раздвижување во целокупната состојба во државата, особено во борбата против криминалот и значајно ангажирање во економијата.

„ВМРО-ДПМНЕ има комотна бројка на пратеници во Собранието. Заедно со коалиционите партнери, тие располагаат со двотретинско мнозинство, па не знам зошто би имало потреба од предвремени избори. Има раздвижување од мртва точка на целокупната состојба во државата, пред се́ во борбата против криминалот и големо ангажирање во економијата. Тоа се клучните теми кои ги засегаат граѓаните. Девет месеци раководење со институциите не се доволни за да се осетат ефектите од работата на владата, особено во економијата. Дополнително, премиерот беше дециден дека предвремени избори нема да има, но на сите ни е јасно дека доколку има избори, ВМРО-ДПМНЕ може дополнително да порасне со бројот на гласови, а со тоа и во бројот на пратеници во Собранието“, изјави Србов.

Србов смета дека анкетната комисија е иницијативата на ДУИ по трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека партијата е спремна да создава кризна состојба секогаш кога е засегнат некој нивен член. Тој посочи дека е видно како Министерството за внатрешни работи постапило ефикасно, а обвинителството ги ангажирало сите капацитети за истрагата. Србов нагласи дека во оваа ситуација станува збор за 59 млади животи и дека нема место за политика, партии или етничка припадност.

„Темата за анкетна комисија ја отвори ДУИ. Секогаш кога е засегнат некој нивен член, тие се спремни да создаваат кризна состојба, дури и во ситуација кога животот го изгубија 59 млади луѓе во трагедијата во Кочани. Тоа ни говори дека се спремни да преминат и преку толкав број на жртви само за да спасат некој нивен близок. Видливо е дека МВР постапи ефикасно, а обвинителството ги ангажираше сите капацитети за овој случај. Ние мора да оставиме да се заврши истрагата и постапката. Македонија не е протекторат или некоја конфедерална држава, па за секој настан да повикуваме луѓе однадвор. Имаме институции, и тоа во моментов институции поставени токму во времето на владеењето на СДСМ и ДУИ – како што е обвинителството, и тие институции мора да го решат овој случај. Тука станува збор за 59 млади животи и нема место за политика, партии, етничка припадност и слично. Треба да одговара секој еден кој со своето работење или неработење допринел за таа катастрофа“, нагласи Србов.

Србов изрази надеж за постигнување консензус помеѓу политичките партии во борбата против криминалот. Тој нагласи дека владата нема бариери и задршки за да влезе во целосна акција против криминалот, но изрази сомневање за поддршката од опозицијата, знаејќи што се случуваше во изминатите 7 години и на каков начин беше практикувана власта. Тој истакна дека е неопходно да се соеднат напорите на сите политички партии за да се постигне напредок во борбата против криминалот и за подобрување на безбедноста во државата.

„Искрено посакувам да има консензус по тоа прашање. Сметам дека владата нема никакви бариери и задршки за да влезе во целосна борба со криминалот, но не сум сигурен дали тоа би било поддржано од опозициските политички партии, знаејќи што сѐ случуваше во изминатите 7 години и на каков начин беше практикувана власта. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ги расчисти сите криминали кои ги тиштат граѓаните. Гледано дури и од тесно партиска перспектива, тоа е во нивен интерес. Останува на опозицијата дали ќе даде поддршка на таквиот процес“ завршува Србов.

Д.Ѓ

Слични содржини