Американскиот претседател Доналд Трамп ја бранеше својата одлука да им наметне огромни царини на Канада, Мексико и Кина.
„Повеќе нема да бидеме глупава земја“, порача Трамп на својата социјална мрежа Трут соушал.
Алудирајќи дека тој потег може да доведе до повисоки цени за потрошувачите во Соединетите Американски Држави, тој напиша: „Ќе биде ли малку болно? Да, можеби (а можеби не)“.
„Но, ќе ја направиме Америка повторно сјајна и тоа ќе вреди за цената која мора да биде платена. Произведувајте во САД и нема царини! Зошто Соединетите Држави би губеле милијарди субвенционирајќи други земји и зошто тие земји би плаќале само дел од она што американските граѓани го плаќаат за лекови и фармацевтски производи, на пример?“, додаде тој.
„Ова ќе биде златната доба на Америка“, напиша Трамп.
Трамп го потпиша указот да се наметнат царини од 25 отсто на роба од Мексико и Канада, со 10 отсто царина на кинеските производи. Царините ќе се однесуваат и на увозот на енергија од Канада.
Трите земји веднаш најавија дека ќе воведат противмерки.
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.