Дали капитализмот навистина е причина за глобалната нееднаквост?

21.10.2024 02:06
Дали капитализмот навистина е причина за глобалната нееднаквост?

Книгата на францускиот економист Томас Пикети „Капиталот во 21-от век“, која во 2014 година стана меѓународна сензација, длабоко влијаеше на дебатата за нееднаквоста и авторот го претвори во суперѕвезда. Пикети беше во право кога нагласи дека политичкиот аргумент за прераспределбата на приходите речиси целосно е фокусиран на внатрешните, домашни проблеми. Но неговата централна теза - дека капитализмот неизбежно води кон растечка нееднаквост - пропаѓа кога ќе се спореди ситуацијата на осиромашените фармери во Виетнам и релативниот комфор на средната класа во Франција.

Впрочем, изминативе 40 години економскиот раст во Азија и Централна и Источна Европа, поттикнат од трговијата, доведе до можеби најдраматичното намалување на нееднаквоста помеѓу земјите за споменатиот период.

Па, сепак, западните набљудувачи речиси секогаш се ограничуваат само на големи зборови кога станува збор за околу 85 проценти од светската популација која живее на глобалниот југ.

Додека филантропите како Бил Гејтс даваат значајни средства за подобрување на животот во Африка, повеќето фондации и институции остануваат фокусирани на намалувањето на нееднаквоста во земјите. Иако двете причини се за воодушевување, политичките аналитичари често го занемаруваат фактот дека, според глобалните стандарди, сиромаштија речиси и не постои во развиените економии.

Се разбира, земјоделците во Индија немаат влијание на изборите во САД или Европа, каде последниве години постоеше тенденција фокусот да се насочува кон внатре, а не кон надвор. Денес кандидатите не победуваат на избори ветувајќи дека ќе ѝ помогнат на Африка, а камо ли Јужна Азија или Јужна Америка. Овие промени помагаат да се објасни зошто врамувањето на нееднаквоста (на Пикети) како внатрешен проблем толку силно одекна кај американските прогресивци и, индиректно, кај движењето МАГА (да ја направиме Америка повторно голема) на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Меѓутоа, ова толкување игнорира стотици милиони луѓе кои живеат во климатски загрозени земји во развој. И покрај трајните последици на колонијализмот, европските земји или Јапонија не покажуваат големи апетити за плаќање репарации на поранешните колонии.

Се разбира, постојат силни агрументи кога станува збор за јакнењето на мрежата за социјална сигурност во развиените земји, особено кога се во прашање образованието и здравствената заштита. Но од морална перспектива, останува мошне дискутабилно дали овие аргументи ја надминуваат итната потреба да се реши проблемот на 700 милиони луѓе кои ширум светот живеат во екстремна сиромаштија.

Позитивно е тоа што Светската банка и ММФ преземаат значајни чекори за да им помогнат на земјите во развој. Но нивните ресурси и мандати се ограничени, а богатите земји имаат тенденција да ги поддржуваат само мерките и иницијативите кои им одговараат на нивните интереси.

Сепак, постои една област во која изгледа постои широк консензус: потребата за климатски акции. Имајќи го тоа предвид, долго предлагав создавање светска карбонска банка која би ја поддржала зелената транзиција во земјите во развој, пружајќи им техничка помош и големо финансирање поврзано со климата (по можност преку грантови, а не заеми).

Како што пишував неодамна, финансирањето преку грантови е особено важно заради уште една голема реформа на глобалниот капитализам: на приватните доверители треба да им се забрани пред судовите во развиените земји да ги тужат државите должнички кои не ги исполнуваат обврските. За да привлечат приватно финансирање, земјите во развој би морале да изградат кредибилни правосудни системи и други сопствени институции. Додека не го направат тоа финансискиот јаз ќе мора да се премости.

Намалувањето на глобалната сиромаштија бара поголема отвореност и помалку трговски бариери. Фрагментацијата на глобалната економија, која ја поттикнуваат геополитичките тензии и популистичките политичари кои се залагаат за трговски ограничувања, е сериозна закана за економските шанси на најсиромашните земји во светот. Ризикот политичката нестабилност во овие региони да се прелее во побогатите земји се зголемува многу побрзо. Тоа веќе се рефлектира во сè поострите дебати за миграциите во овие земји.

Развиените економии имаат три опции, од кои ниедна не се фокусира само на внатрешната нееднаквост. Прво, тие мораат да ја зајакнат својата способност да управуваат со миграциските притисоци и да им се спротивстават на режимите кои настојуваат да го дестабилизираат глобалниот поредок. Второ, можат да ја зголемат поддршката за земјите со ниски приходи, особено оние кои можат да избегнат граѓанска војна. Најпосле, можат да ги испратат своите граѓани да им помогнат на земјите со ниски приходи. Многу влади веќе експериментираат со национални програми кои ги охрабруваат дипломците да поминат една година во сиромашните и загрозените области како, на пример, наставниците или градежните работници.

Испраќањето западни студенти во земјите во развој (дури и накратко) би овозможило барем привилегираните активисти и универзитетските кампуси да научат повеќе за економските тешкотии со кои се соочува голем дел од светската популација, како и самите, од прва рака, да видат како живеат луѓето во земјите кои сè уште се нови во капитализмот. Таквите искуства би им помогнале на младите луѓе подобро да ги разберат светските проблеми, но и кризите кои, најпосле, би можеле да влијаат и на нивните животи.

Сето тоа не значи дека нееднаквоста во една земја не е сериозно прашање. Но тоа не е најголемата закана за одржливоста и благосостојбата на човештвото. Најитна задача на западните лидери е да најдат политичка волја на државите да им овозможат пристап до глобалните пазари и да ги воведат своите граѓани во 21-от век.

Авторот е професор по економија и јавни политики на Универзитетот Харвард; добитник е на наградата на Дојче Банк за финансиска економија во 2011-та година; беше главен економист во ММФ (2001-2003)

Превод: Алек Кузмановски

Слики: JR 

Извор: https://impulsportal.net/

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото