Прво ларвицидно теренско третирање против ларви од комарци во Велес

Третирањето се реализира денеска и опфаќа територија од седум хектари површина, покрај вода и водни површини, кои се мапирани како лежишта на комарци како и површини со неистечена вода каде комарците имаат идеални услови за размножување.
Конкретно со третирањето против ларви од комарци опфатени се крајбрежјето на Езерото „Младост“, делот „Јарбош“, Градски парк, Фудбалски стадион “Зоран Паунов“, Младински Парк, течение на реката Вардар, реонот на потокот и градските фонтани за вода.
„Третманот се врши со биолошки препарат кој како активна материја содржи Bacillus thuringiensis var. Israelensis познат и како BTI ларвицид за комарци во вид на кристали, којшто се наоѓа на листата на биоцидни производи на Министерството за здравство и се применува насочено само за комарци и ларви кои летаат на области кои се претходно одредени, се положува во застоени водени површини. Истото не е штетно за луѓето, пчелите, ниту за домашните миленици,“ пишува на интернет страницата на Општина Велес.
Ларвицидното третирање е општа мерка за заштита на населението од заразни болести и е предвидена во Програмата за активности на Општина Велес во областа на здравствената заштита во 2025 година.
Убавка Јаневска
