Водата на Крива река опасно загадена по хаваријата во рудникот „Тораница“

Концентрацијата на олово во Крива Река е зголемена за десет пати повеќе од дозволеното. За неколку стотици пати е зголемена и концентрацијата на цијанид, фосфор и азот. Ова го покажал извештајот кој денеска го презентираше градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, а се однесува на испитаните примероци на водата во реката еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“ на 14 март направени од приватна лабораторија.

Митовски најави дека ќе бара кривична одговорност. Од Министерството за животна средина и просторно планирање соопштија дека компанијата БУЛМАК од Пробиштип подружница на Рудник Тораница е казнет а со 200 илјади евра за инцидент во кој пукнала цевка, кој според нив претставува, прекршок од трета категорија.

Од таму појаснуваат дека станува збор за технолошка вода која не содржи хемиски средства.  

- По извршен вонреден инспекциски надзор на ден 24 март годинава  од страна на Државниот инспекторат за животна средина, утврдено е дека од страна на БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка согласно член 212-ж од Законот за животна средина е сторен прекршок од трета категорија при што гореименуваниот сторител е согласен за поведување на постапка за спогодување. Предвидената прекршочна глоба за големи трговци согласно регистрацијата во Централен Регистар на РСМ во овој случај за правниот субјект е максимална и изнесува од 180 000 до 200 000 евра во денарска противвредност, односно максимални 10 000 евра во денарска противвредност за одговорното лице. - Министерство за животна средина и просторно планирање:

Од БУЛМАК 2016, рудник „Тораница“ за телевизија 24 велат дека ќе чекаат официјални резултати па потоа ќе излезат со свој став.

За загадувањето на Крива Река регираа и од О2 Иницијатива. Тие преку објава на социјалните мрежи ги поддржаа барањата на градоначалникот Митовски.

Инцидентот со хаваријата се случил на 14 март, а инспекторатот за животна средина на рудникот „Тораница“ направил увид истиот ден и констатирал дека има само заматување на водата.