Од „жестоко“ спротивставување до „експресно“ гласање. Последните измени на законот за работни односи со кои судиите и обвинителите ќе се пензионираат на 67 години, беше предлог кој во 2022 ВМРО-ДПМНЕ не го гласаше, а сега го усвои. Правните експерти укажуваат на нејаснотија - колку функционери тоа може да го искористат.
Перцепцијата за тоа што е корисно е различна кога се гледа низ призмата на власт и опозиција. За еден ист проблем, недостигот на судии и обвинители, двата најголеми политички ривали, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за две и пол години нудат исто решение - судии и обвинители да заминат во пензија на 67 наместо на 64 години.
Разликата е во исходот. Во 2022 година, законот не го доби потребното мнозинство, додека годинава, на 13 февруари, помина низ собраниските филтри за само седум дена и се чека негова објава во Службен весник за да стапи во сила.
Такво, но дискреционо право за пензионирање на 67 години е предвидено во здравството, каде што доктор кој сака да продолжи да работи по пензионирањето, треба да поднесе барање до директорот на институцијата во која работи и до министерот за здравство. Министерот по свое уверување одлучува на кого ќе му го одобри барањето. Поради ова дискреционо право, според последните достапни податоци, на околу 180 вработени само на скопските Клиники не им беше да дозволено да работат до 67 години, во периодот 2022-2023 година. Причината беше што тогашниот министер ги одбил барањата.
Општински проекти од унгарскиот кредит – Милиони евра за асфалт
Од 288 проекти кои ги добија општините за да трошат пари од унгарскиот кредит најчесто може да се види фразата „реконструкција на улица“. Меѓу проектите за реконструкција на партерно уредување и изградба на фекална канализација, може да се најде и по некој за изградба на градинка и катна гаража.
Според објавените резултати на сајтот на Владата, во првата фаза за трошење на вкупно 250 милиони евра за развој на општините, било предвидено да се дадат 100 милиони. Но, вкупната сума на одобрени проекти се 75 милиони евра.
Ако се погледне целосната листа која Владата ја одобри после првиот повик може да се забележи дека од 288 дури 213 се реализираат преку Министерството за транспорт што значи дека речиси сите се за улици и патишта, освен мал дел како што е оној на Општина Велес која ќе гради подземна катна гаража, Кавадарци ќе го реконструира базенот, а во Ѓорче Петров каде ќе се гради детска градинка.
Радио Слободна Европа праша неколку општини зошто се одлучиле токму за проекти кои се за реконструкција на улици, а не за поголеми проекти, но одговор не добивме ниту од една.
Инаку најголема сума која ќе ја добие една општина е Куманово и достигнува речиси 4 милиони евра. Таму најголем дел од парите ќе се потрошат за индустриската зона Куманово, до која ќе се гради водовод, фекална и атмосферска канализација, внатрешни сообраќајници и осветлување. Тоа ќе чини 3,5 милиони евра.
Законски измени за енергетска транзиција или закана за земјоделството?
Со измените на Законот за урбанистичко планирањемногу полесно ќе се пренаменува земјоделско земјиште во градежно, што отвора простор за засилена експанзија на фотоволтаични централи и ветерници. Еколошките организации предупредуваат на ризик од трајна загуба на земјиште за производство на храна.
Здружената иницијатива Зелен Хуман Град, составена од 23 граѓански организации, процесот за донесување на законот во Собранието по скратена постапка го оценија како нетранспарентен и упатија барање до претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова да не го потпишува указот.
Оттаму велат дека македонското земјоделство со децении се соочува „со низа удари предизвикани од лоши владини политики поради кои имаме незапаметен пад во домашното производство и екстремно висока зависност од увоз на храна“.
Активистот на Зелен Хуман Град, Марјан Калевски за Радио Слободна Европа објаснува дека промените ќе имаат ретроактивно дејство, што значи дека веќе одобрени урбанистички проекти за фотоволтаици и ветерници, кои пред измените на законот не можело да се спроведат, сега ќе може да се градат на земјоделско земјиште.
Евроскептицизмот запрен - Вербата во ЕУ бледнее
Поддршка за членство на Северна Македонија во Европската Унија изразиле 62 отсто од граѓаните опфатени во најновото испитување на јавното мислење на Институтот за демократија Социетас Цивилис, кој бележи и запирање на евроскептицизмот. Граѓаните остануваат поделени околу следните чекори кои треба да ги направи земјата во евроинтегративниот процес.
Само 20 отсто од испитаниците сметаат дека уставни измени се неопходниот следен чекор. За еден процент повеќе или 21 отсто сметаат дека треба да запрат преговорите со ЕУ, а исто толку сметаат дека треба да се промени преговарачката рамка.
Во ваква атмосфера на 15 февруари се одржа и првата средба на министерско ниво меѓу Бугарија и Северна Македонија, на министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и Георг Георгиев на маргините на Минхенската безбедносна конференција, откако минатиот месец беше избрана новата бугарска влада.
Според евроамбасадорот Михалис Рокас, ЕУ сака да помогне, но треба да се имаат превид многу предизвици, како и случувањата во САД. Уставни измени со одложено дејство не се гаранција, смета аналитичарот Трошановски.
„Диктатор без избори“ и „Договор без Киев?“
Динамичната недела во која беа забележани два вонредни самити во Европа и загрижените коментари на украинскиот претседател Володимир Зеленски, го нагласува големиот страв во главните градови од Киев до Лондон.
Имено, Вашингтон и Москва би можеле да се обидат да направат свој договор за иднината на Украина, без Киев и сојузниците на Соединетите Држави во Европа.
Американскиот претседател Доналд Трамп го надополни гневот со својот пост на Truth Social, обвинувајќи го Зеленски дека е диктатор и велејќи дека „успешно преговараме за крај на војната со Русија“.
Американските власти негираа дека сакаат да исклучат некого од процесот.
Но, сугестиите на САД дека Европа нема да биде на преговарачка маса предизвика широка тревога, а позитивните вибрации од состанокот САД-Русија во Ријад на 18 февруари, исто така, предизвикаа вознемиренот.
Во оваа фаза, постојат две клучни прашања: дали Вашингтон и Москва воопшто ќе можат да се договорат за взаемно прифатливо решение за ставање крај на војната во Украина, и ако го сторат тоа, што би можел некој друг да направи за тоа?
Одржлива мода наспроти скриените трошоци во брзата мода
Зошто треба добро да размислиме дали навистина нешто ни треба пред да купиме некое парче облека и колку е важно да се разбере она што го пишува на внатрешната етикета? За брзата наспроти одржливата мода во поткастот „Зошто“ разговаравме со модната дизајнерка Ирина Тошева.