Инспекторатот за животна средина за состојбата со загадувањето на Крива река

Тешки метали и загадување на Крива Река има, но во какви размери и кој е загадувачот, ќе се утврдува со вештачење за време на истражната постапка во Кумановското обвинителство.

Државниот инспекторат за животна средина не ги споделува резултатите од нивните анализи ниту пак на кој ден се земени после пукнувањето на цевката во рудникот Тораница поради предистражната постапка, но потврдуваат дека не се на денот на еколошкиот инцидент. 

Анализи за возможен екоцид предизвикан од рудникот Тораница, ќе прави стручно лице ангажирано од страна на фирмата која раководи со овој рудник - Булмак 2016, додека пак, за инспекторите кои биле присутни додека Булмак ги земало мострите на денот на излевањето на јамската вода, директорката Гиновска поднела барање до ДКСК за потенцијален судир на интереси бидејќи едниот бил поранешен вработен во компанијата, како и сопругата на вториот присутен  инспектор. 

Директорката Гиновска размислува за кривична пријава кон градоначалникот на Крива Паланка за предизвикување паника, бидејќи според нивните анализи измереното количество на цијаниди во Крива Река е помалку од 2 микрограми, спротивно на анализите од Општината кои покажуваат неколку стотици пати над дозволеното.