Достапни линкови

 
Засилени руски напади пред разговорите на САД и Украина во Ријад

Засилени руски напади пред разговорите на САД и Украина во Ријад


Последици од рускиот воен напад во Добропиља
Последици од рускиот воен напад во Добропиља

Додека Киев се подготвува да ја испрати својата делегација во Саудиска Арабија на разговори со САД за потенцијално мировно решение, Русија ги засили своите напади врз Украина со интензивирање на нападите врз цивилни цели и нови пробиви на бојното поле.

Во руските воздушни напади во источна Украина во текот на ноќта меѓу 8 и 9 март, животите ги загубија најмалку 50 луѓе во регионот на Доњецк. Според локалните власти, најмалку 11 смртни случачи се пријавени во градот Добропиља.

Русија објави дека повторно зазела три села претходно окупирани од Украина во Курскиот регион. Нападите се случија еден ден откако Русија започна масовен напад со ракети и дронови врз енергетската и гасната инфраструктура во неколку региони на Украина.

„Таквите напади покажуваат дека целите на Русија се непроменети. Затоа е многу важно да продолжиме да правиме сè што можеме за да ги заштитиме животите, да ја зајакнеме нашата воздушна одбрана и да ги зголемиме санкциите против Русија", напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи доцна на 8 март.

Серијата напади и притисокот на бојното поле претставуваат уште една пречка за Киев во пресрет на клучните разговори со САД следната недела во Саудиска Арабија, каде што украинските официјални лица ќе се сретнат со своите американски колеги за да разговараат за ставање крај на тригодишната војна.

Зеленски, исто така, рече дека Украина е „целосно посветена" на конструктивниот дијалог со американските претставници во Саудиска Арабија следната недела за потенцијално мировно решение.

„Украина бара мир од првата секунда од оваа војна. На маса се реални предлози. Клучно е да се движиме брзо и ефикасно", објави тој на социјалната мрежа Икс (X).

Украинскиот претседател изјави дека на 10 март ќе отпатува во Саудиска Арабија за да се сретне со саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман. Потоа делегација на украински дипломатски и воени претставници ќе остане на состанокот на 11 март со преговарачкиот тим на САД.

„Од наша страна, ние сме целосно посветени на конструктивен дијалог и се надеваме дека ќе разговараме и ќе се договориме за неопходните одлуки и чекори", рече Зеленски.


Зеленски нема да биде дел од разговорите помеѓу САД и Украина, кои наместо тоа ќе бидат предводени од делегација во која ќе бидат вклучени украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак и министерот за одбрана Рустем Умеров.

Тие ќе се сретнат со делегација на САД во која наводно ќе бидат вклучени пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, државниот секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Валц.

Претстојните разговори во Саудиска Арабија се кулминација на седмицата на тешка дипломатија и преговори предводени од Вашингтон по состанокот со руската делегација во февруари во Ријад.


Односите помеѓу САД и Украина оттогаш се затегнати, со тензии кои кулминираа со дебата во Овалната соба кон крајот на февруари помеѓу Зеленски, Трамп и потпретседателот на САД Џ.Д. Венс, што предизвика украинскиот претседател да ја напушти Белата куќа без да го потпише клучниот договор за минерали со Вашингтон.

Оттогаш, администрацијата на Трамп ги паузираше воените пратки и размената на разузнавачки информации со Украина. Тоа предизвика страв дека би можеле да се случат украински неуспеси на фронтовите линии. Европските земји како Велика Британија и Франција ги засилија своите напори за да овозможат поголема размена на разузнавачки информации со Украина, но се’ уште не се во можност да ги заменат американските извори во целост.

На 5 март, Валц сугерираше дека Трамп може да ја укине паузата за воена помош откако ќе се договорат мировните разговори и мерките за градење на доверба.

Во деновите кои им претходат на разговорите, Трамп ги критикуваше засилените напади на Москва врз Украина и спомна потенцијални санкции врз Кремљ.

Но, тој исто така рече дека рускиот претседател Владимир Путин „го прави она што секој би го направил" и за новинарите во Овалната соба на 7 март изјави дека му е „полесно" да работи со Русија отколку со Украина, и дека Путин „сака да стави крај на војната".

Американската дипломатија за завршување на војната во Украина предизвика страв дека Вашингтон би можел да го отстрани Киев во преговорите и да го принуди да склучи договор кој е повеќе во согласност со условите на Москва.
Во пресрет на претстојниот состанок во Саудиска Арабија и како одговор на уште една ноќ на уништувачки руски напади, полскиот премиер Доналд Туск предупреди да не се биде премногу попустлив кон Русија во преговорите.

XS
SM
MD
LG