Контроли:Преполни чамци и ноќни пловидби во Охридското Езеро
7 април 2025Бродови преполни со патници, ноќно пловење и управување на чамци без неопходната лиценца - се само дел од неправилностите коишто се утврдени при засилените контроли во Охридското Езеро. Од Капетанија на пристаништа информираат дека се детектирани 18 прекршоци за неисправност и непочитување на правилата за пловење. Контролите следат во пресрет на летната сезона со цел да се утврди дали се почитуваат мерките за безбедна пловидна.
По извршените редовни и вонредни контроли над пловилата, констатирани се прекршоци во делот на ноќно пловење, како и претовар на патници. Направени се три редовни надзори на бродови, четири вонредни надзори на катамарани, два вонредни надзори на пасари со надградба - тоа се бродови до 12 патници, како и 19 вонредни надзори на кајчиња.
„Од извршените вкупни надзори констатирани се 18 прекршоци на чамци и тоа за ноќно пловење, непоседување уверение за управувач на чамец, неистакната регистарска ознака и еден катамаран е казнет за претовар на патници“, вели Илија Арнаудоски капетан во Капетанија на пристаништа.
Зголемени контроли пред летото
За безбедност на патниците, сите пловила треба да имаат заштитни појаси, сидро, венец за спасување, противпожарен апарат и радио врска со капетанија.
Во следните месеци, а посебно во летниот период надлежните најавуваат зголемени инспекциски надзори во соработка со езерската полиција. Од Капетанијата апелираат до сите учесници во внатрешната пловидба навремено да ги регистрираат своите чамци, да ги извршуваат обврските на пловилата и да се придржуваат до правилата и мерките за безбедна пловидба.
Пловењето со брод или чамец долж брегот на Охридското Езеро е атракција за туристите коишто ја посетуваат Северна Македонија. Но, зголемениот број посети на домашни и странски туристи на Охрид во текот на пролетта и летото - значи и зголемени обврски и одговорност за сопствениците на пловни објекти и за охридската капетанија.
Изминатите години имаше неколку инциденти со опожарени пловила и сообраќајки со глисери, а најголемата бродска несреќа се случи на 5 септември 2009 година, кога потона бродот „Илинден“ со 57 патници, од кои 15 туристиод Република Бугарија го загубија животот.
Во период кога езерото е под будното око на УНЕСКО, со години наназад се најавува дека по него би можеле да запловат и соларни бродови, со цел да се заштити кревкиот еко-систем. УНЕСКО изминатите години во своите извештаи бараше итна реакција и спречување на загадувањето на езерото предизвикано со експанзијата на голем број пловни објекти што не ги исполнуваат еколошките стандарди. На Охридско Езеро се регистрирани над 2.000 чамци, но според укажувањата на екологистите голем е бројот и на нерегистрирани пловила.