Свет
Лидерот на најголемата опозициска партија во Турција побара предвремени избори

Лидерот на најголемата опозициска партија во Турција денеска побара одржување предвремени претседателски избори „најдоцна во ноември“, по десетдневните протести поради апсењето на градоначалникот на Истанбул.
„Ќе дојдете и ќе се соочите со нашиот кандидат најдоцна во ноември. Ова е предизвик за вас“, рече лидерот на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) Озгур Озел, обраќајќи му се на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, за време на вонредниот конгрес на партијата во Анкара.
Озел побара изборите да се одржат во јуни или ноември.
Поддржувачите на таа опозициска партија организираа големи демонстрации на кои присуствуваа десетици илјади луѓе во Истанбул и во други градови во Турција, по апсењето на опозицискиот градоначалник на Истанбул Екрем Имамоглу на 19 март.
Имамоглу, член на ЦХП, во меѓувреме беше номиниран за кандидат на партијата за следните претседателски избори.
ЦХП беше првата политичка сила на локалните избори во март 2024 година со 37,8 отсто од гласовите на национално ниво. Партијата победи во Истанбул и Анкара, каде што е на власт од 2019 година, а дотогаш на власт беше Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп го нападна Зеленски за минералите: Доцнат три недели

Доналд Трамп изјави дека работата на мировниот договор меѓу Русија и Украина „тече непречено“.
Во објава на неговата платформа „Truth Social“, актуелниот американски претседател исто така рече дека Украина сè уште не потпишала договор за ретки земјини минерали со САД и изрази надеж дека тоа ќе го стори веднаш.
„Украина, предводена од Володимир Зеленски, сè уште не ги потпишала конечните документи за многу важен договор за ретки минерали со САД“, напиша Трамп.
„Доцнат најмалку три недели. Се надевам дека договорот ќе биде потпишан СЕГА“. Тој додаде: „Работата на сеопфатен мировен договор меѓу Русија и Украина напредува непречено. УСПЕХОТ се чини дека е на повидок.“
Изјавите на Трамп доаѓаат откако неговиот претставник Стив Виткоф се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, а Кремљ по состанокот соопшти дека Русија и САД се „поблиску“ до договор за „голем број меѓународни прашања“. Од друга страна, од Украина доаѓаат гласини дека Киев би бил подготвен привремено да отстапи територија на Русија, иако претседателот Зеленски рече дека „нема дискусија“ за Крим или кој било дел од Украина.
Европа
Ковчегот на папата Франциско затворен, погребот в сабота наутро

Од средата наутро, кога телото на покојниот папа Франциско беше пренесено во базиликата „Свети Петар“, низ неа поминаа 150.000 луѓе од целиот свет. Ковчегот на папата беше затворен вечерва, а погребот ќе се одржи в сабота наутро.
Пред церемонијата на запечатување, во ковчегот на папата беа поставени 12 монети, по една за секоја година од неговиот понтификат, како и краток запис и извештај за неговото папство. Церемонијата ја водеше кардиналот Кевин Фарел, камерлегно на Светата Римска црква.
Реки верници доаѓаат во Рим за да присуствуваат на утрешниот погреб на папата Франциско, а се очекува и пристигнување на бројни делегации од целиот свет.
Во Рим се воведени строги безбедносни мерки, со илјадници волонтери и полицајци, систем против дронови, снајперисти на покривите и борбени авиони подготвени за полетување.
Европа
Жена во Шпанија ја продала новородената ќерка за 2.000 евра на двојка која не можела да има деца

Шпанската полиција уапси 37-годишна жена која ја продала својата новородена ќерка на пар кој се лекува од неплодност, јавува АФП.
Полицијата соопшти дека жената била уапсена минатиот месец во Мостолес, јужно предградие на Мадрид. Брачен пар осомничен за купување дете и двајца нивни роднини беа уапсени во јужниот град Кордоба.
Според прелиминарната истрага, жената се согласила да им ја предаде својата новородена ќерка на двојката за 2.000 евра. Сепак, по породувањето, таа се предомислила и побарала да ѝ го вратат детето.
Двојката, според АФП, одбила да го врати бебето освен ако жената не им го врати платениот износ, плус дополнителни 1.000 евра за покривање на трошоците што тврделе дека ги направиле во текот на месецот што го поминале со неа во Кордоба пред да се роди детето.
Полицијата започна истрага откако една жена поднесе жалба тврдејќи дека семејство во Кордоба го „киднапирало“ нејзиното новородено бебе. Детето е предадено во центар за заштита на деца во Кордоба. Полицијата, исто така, објави дека властите ѝ одзеле уште шест деца на жената во 2022 година поради занемарување.