• петок, 14 март 2025

Трилатерална средба на МНР на Грција, Израел и Кипар: Зајакнување на соработката и можност за проширување со учество на САД

Трилатерална средба на МНР на Грција, Израел и Кипар: Зајакнување на соработката и можност за проширување со учество на САД

Атина, 13 март 2025 (МИА) – Соработката во енергетиката, трговијата, одбраната, сајбер безбедност, иновациите, цивилната заштита, можноста за продлабочување, но и проширување на форматот во 3+1 со одново вклучување на САД, како и ситуацијата во Сирија, Газа, но и кипарското прашање биле темите на денешната трилатерална средба на министрите за надворешни работи на Грција, Израел и Кипар, Јоргос Герапетритис, Гидеон Саар и Константинос Комбос, јави дописничката на МИА од Атина.

- Вашето присуство овде ја потврдува нашата волја заедно да работиме за да ја консолидираме како и самата нашата соработка, така и стабилноста и безбедноста во регионот на Источниот Медитеран и Блискиот Исток, посочи Герапетритис на прес-конференцијата по средбата. 

Комбос и Саар истакнаа дека станува збор за стратешка соработка меѓу трите земји со перспектива за продлабочување.

Шефовите на дипломатиите ги осудија терористичките напади на Хамас врз Израел, истакнаа дека неопходно е да се ослободат сите заложници, додека пак Герапетритис и Комбос се осврнаа и на хуманитарната помош за Газа, посочувајќи дека е потребно да има проток.

Саар рече дека нема недостиг и објасни дека „за 42 дена влегле 25.000 камиони хуманитарна помош, што е 50 отсто од новиот буџет што го искористи Хамас за да регрутира нови терористи“ и додаде дека „ова мора да го земеме предвид“.

Во однос на разговорите во Доха, рече дека напорите продолжуваат и не може да се предвидат резултатите, додавајќи дека неговата земја го прифатила предлогот на специјалниот пратеник, но Хамас го отфрлил.

- Израел нема да се согласи за ништо помалку од целосна демилитаризација на Газа, крај на присуството на Хамас и враќање на заложниците, истакна шефот на израелската дипломатија.

Министерот за надворешни работи на Кипар објасни дека ги информирал неговите колеги за претстојната средба во Женева на 17 и 18 март за кипарското прашање со учество на петте страни. 

Повтори дека Никозија е „целосно посветена на постигнување позитивен исход, кој може да вклучи продолжување на суштински преговори“, дека ставот е цврст и непроменлив, а намерата е „да се создадат услови за продолжување на дијалогот, исклучиво и единствено во договорените рамки на ОН, од точката каде што запреа преговорите во Кран Монтана“ во 2017 година.

Поддршка доби како од Саар, кој рече дека „позицијата на Израел е јасна и го поддржува територијалниот интегритет на Кипар“ и дека е против напорите на Турција да се претстави како бранител на регионалната стабилност, така и од Герапетритис, кој повтори дека е потребно „праведно и одржливо решение, како што е дефинирано во Резолуциите на Советот за безбедност на ОН за би-зонална и би-комунална федерација“. ср/

Фото: Министерство за надворешни работи на Грција

Остани поврзан