Невозможно е да се победи оваа Данска, Хрватска „сомлена“ за ЧЕТВРТО злато во низа!

Ракометната селекција на Данска останува светски ракометен шампион! Скандинавците доминацијата ја потврдија и во вечерашното финале против Хрватска, во кое извојуваа убедлива победа од 26-32, и со тоа го освоија четвртото злато во низа. Хрватска, пак, се чини дека се истроши во лудото полуфинале со Франција и вечерва сили за надигрување имаше само триесет минути. 

Иако во таборот на „коцкестите“ постоеше оптимизам дека Лука Циндриќ ќе биде подготвен за овој дуел, сепак, некогашниот вардарец остана на трибините, а во составот на Хрватска повторно се најдоа ветераните Дувњак и Карачиќ. На спротивната страна Николај Јакобсен немаше поголеми проблеми со играчкиот кадар и Данска со најсилното „оружје“ го нападната новото злато.

Саугструп и Јелиниќ со своите први погодоци го отворија големото финале, кое се играше пред полни трибини и одлична атмосфера која што ја приредија данските и хрватските навивачи. За разлика од дуелот со Франција во Загреб, вечерва Хрватите беа одлично затворени од данската одбрана и на својот втор погодок чекаа до 11. минута, кога Филип Главаш погоди за 2-4. 

Данската одбрана и голманот Нилсен одлично се справуваа со хрватскиот напад и на половина од полувремето бранителот на титулата водеше со 3-6. Хрватските голмани Кузмановиќ и Пешиќ немаа решение за одличниот пеналџија Емил Јакобсен, кој имаше три од три од линијата на седум метри и тој беше ракометарот кој што ја одржуваше сигурната предност на фаворитот. 

На спротивната страна рамнотежа воспоставуваше Иван Мартиновиќ со три гола од тешки позиции (7-8). Во 21. минута следуваше непосакуван удар за Хрватите, затоа што останаа без специјалистот во одбраната. Марко Мамиќ грубо го фаулираше Лауге Шмит и шпанските судии по видео-прегледите му го покажаа патот кон трибините. Данците искусно го искористија црвениот картон на Мамиќ и со два брзи гола ја вратија сигурната предноста, а до крајот на полувремето успеаја да се искачат на дотогаш највисоки четири гола позитива (12-16).

Вториот дел започна со одбранет пенал на Јаник Грин и два врзани гола на Данците (12-18), а откако погодија Кларица и Мартиновиќ следуваше нов налет на големиот фаворит и хрватскиот „брод почна да тоне“. Во 38. минута Данска се одлепи на убедливи осум разлика (14-22), а во таква ситуација јасно беше каде ќе заврши златниот медал и од овој шампионат. Хрватите во знак на немоќ и нервоза влегуваа од грешка во грешка, но достојно го доиграа финалето и на крај загубија со 26-32.

Најдобри поединци кај светскиот шампион беа Матијас Гидсел со десет и Емил Јакобсен со пет гола, а кај Хрватите најрасположен беше Иван Мартиновиќ со шест гола.