Атанасовски пред лидерската средба: Двете партии претставуваат две страни на истата монета – олигархијата, која ја доведе државата до статусот на последна дупка на Балканот, слично на Молдавија

Постигнување консензус за борба против криминалот со организации (партии) кои се негови носители, креатори и извршители е исто како да очекуваме осведочен педофил да се грижи за безбедноста на децата во градинка изјави за „Локално“ Атанасовски

од Даниел Ѓорѓиевски
160 прегледи

Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче побара, претседателот на Владата и ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговори позитивно за нивна прва лидерска средба. Темите за кои инцираше лидерска средба претседателот на опозициската СДСМ покрај трагедијата во Кочани се очекува да бидат со економски и социјален карактер, но во медиумите се погласно се шпекулира и за предвремени парламентарни избори, кои според наводите би можеле да се случат заедно со локалните наесен.

Воочи на лидерската средба и можните сценарија кои би требало да се рефлектираат на политичката сцена во Македонија, „Локално“ побара став од политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски. Тој смета дека лидерската средба нема да донесе никаква промена, бидејќи и двајцата лидери работат во интерес на системот кој со децении ја уништува Македонската држава. Атанасовски нагласува дека македонскиот политички систем е заробен од истите структури веќе 33 години, а како последица од тоа земјата доживеала целосна деградација. Според него, политичките елити не покажале интерес за вистински реформи, туку продолжуваат да работат во корист на тесни интереси, на штета на граѓаните.

„Бидејќи се договорија да работат на заштита на постојниот систем, кој ја уништи Македонија во изминатите 33 години, а нејзината метафорична смрт се случи на 16.03 во Кочани, овие две партии претставуваат две страни на истата монета – олигархијата, која ја доведе државата до статусот на последна дупка на Балканот, слично на Молдавија“ изјави Атанасовски.

Благојче Атанасовски

Благојче Атанасовски

 

Атанасовски смета дека зголемувањето на минималната плата не е клучниот фактор за подобрување на животниот стандард во земја каде што институциите се заробени од корупција. Според него, без суштински реформи во правосудниот систем и администрацијата, секое економско решение ќе биде краткотрајно и без значително влијание врз секојдневниот живот на граѓаните.

„Неважна е минималната плата во земја која тоне во корупција, без разлика каде и да се свртиш. Квалитетот на животот не зависи само од зголемувањето на минималната плата (иако тоа е еден од факторите), туку многу поважно е да се воспостави независен систем за функционирање на институциите. Тоа, овие политички елити не можат да го направат“ изјави Атансовски.

Атанасовски смета дека најавите за можни предвремени парламентарни избори заедно со локалните нема да донесат суштински промени во државата, бидејќи, според него, системот е заробен од истите политички структури. Тој додава дека без длабоки реформи и ослободување на институциите од политичкиот притисок, изборите ќе бидат само уште еден циклус на ротирање на истите луѓе на власт, без вистинска промена за граѓаните.

„Многумина шпекулираат за предвремени парламентарни избори заедно со локалните, но, според мене, тие нема да решат ништо. Во Македонија владеат истите криминализирани и корумпирани политички елити, кои се дел од проблемот, а не од решението“ смета Атанасовски.

Атанасовски смета дека евентуалното формирање на анкетна комисија треба да биде водено од принципите на независност и непристрасност, а не да се користи како алатка за политички пресметки. Атанасовски не може да прецизира дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе се согласи на формирање анкетна комисија, но посочи дека опозицијата веројатно нема да ја поддржи доколку комисијата го испитува случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово бидејќи според него тогаш ќе се бара одговорност од тогашниот министер за здравство а сегашен лидер на опозициската СДСМ, Венко Филипче.

„Доколку се формира анкетна комисија, таа треба да биде независна и непристрасна, а не политизирана и партизирана. Нејзината задача е да ги расчисти сите трагедии во кои животот го загубија десетици граѓани во изминатите години. Не знам дали Мицкоски ќе се согласи на формирање анкетна комисија, но таканаречениот лидер на опозицијата сигурно нема да ја поддржи доколку таа се занимава со истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово, бидејќи тогаш постои можност за кривична одговорност на тогашниот министер за здравство“ смета Атанасовски.

На прашањето дали е можен консензус за борба против криминалот меѓу двете партии или станува збор само за флоскули за дневна политика, Атанасовски го оценува ваквиот момент како апсурден. Тој смета дека е невозможно да се постигне консензус во борбата против криминалот со партии кои, според него, самиот криминал го создаваат и одржуваат.

„Постигнување консензус за борба против криминалот со организации (партии) кои се негови носители, креатори и извршители е исто како да очекуваме осведочен педофил да се грижи за безбедноста на децата во градинка. Ова прашање е повеќе од дегутантно и не треба ниту да се поставува, за да не ја навредува малкумината преостанати здраворазумни граѓани“ завршува Атансовски

Д.Ѓ

Слични содржини