• Горан Упале

Ракометните селекции на Данска и Австрија според планот го отворија Светското ракометно првенство кое што оваа година се игра во три држави – Хрватска, Данска и Норвешка.
Во рамките од групата Б, бранителот на титулата и селекцијата која што и на овој собир е меѓу најголемите фаворити за трофејот, Данска, беше немилосрдна против Алжир и пред својата публика во Хернинг славеше со убедливи 47-22 (20-11). Уште од првата минута избраниците на Николај Јакобсен наметнаа свој стил на игра и со брзи транзиции и контри го наполнија голот на противникот. Во првото полувреме Алжир прими дваесет гола, а Данците беа уште поефикасни во второто (27). Поразената селекција во двете полувремиња постигна по единаесет гола.
Со оваа победа Данците ја продолжија неверојатната серија без пораз на Светските првенства. Сега се на 29 натпревари без пораз што е апсолутен рекорд на сите времиња. Најпрецизен на натпреварот беше Матијас Гидсел со десет гола, два помалку постигна Јакобсен, додека за Алжир прв стрелец беше Адби со шест гола.
Ниту Австрија немаше проблеми против Кувајт и во Пореч славеше со 37-26 за први бодови во групата Ц, во која претходно Франција извојува убедлив триумф над Катар со 37-19.
Најрасположени во таборот на Австрија беа Дамбок и Фримел со по пет гола, а за Кувајт по четири постигнаа Ал-Давани и Ал-Хендаи.