Трамп потпиша извршна наредба за намалување на цените на лековите


Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша указ за намалување на цените на лековите, со кој и наредува на својата влада да развие низа мерки за намалување на цените на фармацевтските производи во САД, каде што се значително повисоки од оние во странство.

Активностите вклучуваат подобрување на процесот на преговарање помеѓу системот на јавното здравствено осигурување и фармацевтските групи и давање можност на поединечните држави да увезуваат лекови директно од странство од земјите каде што се поевтини.

Според анализата на компанијата „Ранд корпорејшн“, САД плаќаат во просек 2,5 пати повеќе за лекови на рецепт отколку, на пример, Франција. Ова е разлика, што Трамп за време на неговата претседателска кампања вети дека ќе ја намали. 

Во понеделникот, американската влада, исто така, објави дека започнува проучување за уделот на увозот во фармацевтскиот сектор, што предизвика загриженост дека наскоро, како и во случајот со автомобилската индустрија, ќе бидат воведени специјални царини. Ваквата мерка би ги зголемила цените на многу увозни лекови и хемиски соединенија.