По неколкумесечна предистражна постапка на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и на Истражниот центар, како и на истражители од Лабораторијата за дигитална форензика кои влегле во мрежата Телеграм, во текот на вчерашниот ден во струшкиот и во гостиварскиот регион биле уапсени 4 лица.
Тројца, меѓу кои и главата на терористичката група која броела членови и од странство, се уапсени во гостиварскио регион. Еден бил уапсен во Струшко. Осомничени и притворени се за кривично дело Терористичка организација од чл.394-а од КЗ.
„Првоосомничениот, 21-годишен гостиварец, на почетокот на оваа година, создал и активно координирал терористичка организација, ќелија, во која членуваат останатите осомничени и други непознати лица од државата и од странство. Организацијата со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС, имала намера на изведување на терористички акт на цивилни – меки цели и на јавни објекти“, открива Обвинителството за организиран криминал само дел од истрагата.
Првосомничениот во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм каде искажувал целосна подготвеност и намера за извршување на терористички напад, како и поттикнување на други лица за извршување на терористички напади во Европа.
„Во групите споделувал претходно набавен и преработен – преведен пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе бидат искористени за извршување на терористички напади“, вели Обвинителството.