Американските имиграциски власти приведоа и ја укинаа визата на турска докторантка на Универзитетот Тафтс во близина на Бостон, која изрази поддршка за Палестинците во израелската војна во Газа, објави Ројтерс, пренесува ЦивилМедиа.
Поддржувачите на Румејса Озтурк велат дека нејзиното приведување, доцна во вторникот, е првото познато имиграциско апсење на студент од областа Бостон, ангажиран во таков активизам, што треба да го спроведе администрацијата на претседателот Доналд Трамп, која приведе или се обиде да приведе неколку студенти родени во странство, кои се легално во САД и беа вклучени во про-палестинските протести.
Акциите се осудени како напад на слободата на говорот, иако администрацијата на Трамп тврди дека одредени протести се антисемитски и можат да ја поткопаат надворешната политика на САД.
На видеото од апсењето се гледа како маскирани агенти и во цивилна облека ја приведуваат 30-годишната турска државјанка во близина на нејзиниот дом во Сомервил, Масачусетс, во вторникот вечерта, кога, според нејзиниот адвокат, таа одела да се сретне со пријателите за да го прекине рамазанскиот пост.
Портпаролката на американското Министерство за внатрешна безбедност, Триша МекЛафлин, во објава на Х, рече дека властите утврдиле дека Озтурк „се ангажирала во активности за поддршка на Хамас, странска терористичка организација која ужива во убиствата на Американците“.
Д. Мишев