Русите го гранатираа родниот град на Зеленски, 14 загинати, меѓу нив шест деца

од Milan1
31 прегледи

Денешниот ракетен напад врз Криви Рог уследи по вчерашниот руски напад врз Харков, вториот по големина град во Украина, во кој властите соопштија дека загинале пет цивили.

Нападот доаѓа додека американските и европските лидери ја притискаат Русија да прифати прекин на огнот. Мислам дека е очигледно кој сака мир, а кој војна“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига на состанокот на НАТО во Брисел, мислејќи на нападот во Харков.

„Мораме да ја натераме Русија сериозно да размислува за мир. Мораме да извршиме притисок врз Русија за да постигнеме мир“, додаде Сибига.

Криви Рог, град со околу 600.000 жители, се наоѓа на околу 70 километри од линијата на фронтот во источна Украина и е познат како најдолгиот град во Европа. Имено, градот се протега на над 100 километри поради неговиот линеарно развиен индустриски распоред со рударски и металуршки погони.

Најмалку 14 лица загинаа, а десетици се ранети во рускиот ракетен напад врз Криви Рог, соопшти шефот на областа Дњепропетровск, Серхиј Лисак, кој предупреди дека бројот на жртвите може да се зголеми.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски го коментираше вечерашниот руски ракетен напад врз Криви Рог, неговиот роден град. Тој наведува дека во нападот загинале 14 лица, од кои шест деца.

„Руска ракета погоди обичен град, улица во станбена зона. Според прелиминарните информации, станува збор за напад со балистичка ракета. Досега се потврдени 14 смртни случаи, меѓу кои и шест деца. Сочувство до семејствата и најблиските“, рече Зеленски, кој објави и вознемирувачки фотографии од последиците од нападот.

Тој додаде дека спасувачките операции се уште се во тек и дека најмалку пет станбени згради се оштетени.

„Руските напади се случуваат секој ден. Луѓето умираат секој ден. Има само една причина зошто тоа продолжува: Русија не сака примирје, а тоа е јасно – нам и на целиот свет. Секој проектил, секое беспилотно летало докажува дека Русија сака само војна“, рече Зеленски.

„Само меѓународниот притисок врз Русија, секој напор за зајакнување на Украина, нашата противвоздушна одбрана и нашите сили, може да одреди кога ќе заврши оваа војна“, додаде тој.

Зеленски ги повика светските лидери да преземат поодлучни активности: „САД, Европа и остатокот од светот имаат моќ да ја принудат Русија да се откаже од теророт и војната. Ова мора да се постигне, ни треба мир“.

Слични содржини