• Мартин Танасковски
Фудбалската репрезентација на Македонија нема да менува позиции на најновата ФИФА-листа, иако го победи Лихтенштајн и одигра реми против Велс во мартовските натпревари од циклусот за Светското првенство (СП) во 2026 година.
Нашиот национален тим доби бодови, но недоволно да менува место, па на најновата ФИФА-листа објавена на 3 април останува на 67 позиција. Пред нас се Албанија, Обединетите Арапски Емирати, Буркина Фасо, Јамајка... зад нас се Грузија, Финска, БиХ, Северна Ирска...
Нема промени и во ТОП-10, каде Аргентина е лидер пред Франција, Шпанија, Англија, Бразил, Португалија, Холандија, Белгија, Италија и Германија. Хрватска скокна за две места, па сега се наоѓа на 11. место, зад неа е Мароко кој е дванаесетти и исто така скокна две места. Паднаа Уругвај и Колумбија, на 13-тата и 14-тата позиција, додека петнаесетта е Јапонија.
До крајот на клупската сезона нема веќе репрезентативни паузи, а следните мечеви се во месец јуни. Македонија прво игра дома со Белгија, па гостува кај Казахстан.