Македонија и новата реалност

Сакале, несакале, новата реалност е тука. Само треба да се тргнат погрешните леќи од очите за да се види и разбере. За да може да се заклучи. Таа не е опасност! Таа е предизвик за сите играчи. Како за тие што претендираат да воспостават нов светски поредок, така и за тие кои инсистираат на статус кво.

Стресовите што катадневно ни ги приредуваат главните играчи на меѓународната сцена ја разбудија македонската медиумска и експертска јавност. Како никогаш до сега во јавноста се објавуваат информации, од различни изори, за глобалните настани, но и анализи, како домашни така и странски. Пристоен исчекор, но и нов импулс во креирањето и спроведувањето на македонската надворешна политика.  Респектирајќи ја специфичноста на самата материја, нужно е да се потенцира дека дебатите и размената на мислењата, посебно доколку се спротивставуваат даваат нов квалитет. Судирот на тезите и антитезите секогаш резултира со синтези, кои се квалитет повеќе. Се разбира доколку се има капацитет да се слуша и дебатира. Уште повеќе доколку има актери способни да разберат.

Во дебатата се вклучи и претседателот Пендаровски. Солидарноста, секако е и доблест! Неговите зборови ја разбуричкаа јавноста, но укажаа и на прашања кои побаруваат подетална анализа. Според него, тезата за новото нормално е опасна. За жал, Македонија новата нормалност која постепено изникнуваше од стариот меѓународен поредок, не ја пeрцепираше со доза на сериозност. Ако воопшто и ја прецепираше. Токму од тие причини потребно е зборовите да се заменат со бројки за да се согледа за што всушност зборуваме.

Во моментов Јужното кинеско море e главната артерија на светската економија. Според истражувачите на Универзитетот Дјук, низ него годишно минуваат околу 80.000 бродови. Вкупната вредност на превезената стока изнесува 7,4 илјади милијарди долари годишно. Во 2023 година низ него поминале 10 милијарди барели на нафта и нафтени деривати, и 6,7 илјади милијарди стопи, течен гас.  Бројкиве јасно зборуваат. Само еден поголем воен инцидент и целата светска економија ќе биде парализирана. Шансите за такво нешто не се мали, бидејќи, во моментов четири држави претендираат на свои есклузивни економски зони. Недоразбирањата помеѓу Кина и Филипини, зад кого стои САД, се доста сериозни и попратени со инциденти.

За да биде сликата за новото нормално појасна, потребно е да се укаже и на некои други бројки. Имено, во 2023 година вкупниот извоз на Кина, вклучувајќи го Хонг Конг, изнесува скоро 4 илјади милијарди долари. Земјите од АСЕАН извезуваат добра во вредност од околу 3 илјади милијарди. Од друга страна, вкупниот извоз на Европската Унија и Велика Британија  изнесува околу 4 илјади милијарди доалри. Извозот на САД изнесува 2,2 илјади милијарди долари. Ако на ова се додадат и бројките на растот на овие економии работите стануваат многу појасни. Имено, Кина во текот на оваа и следната година, според ММФ, ќе има раст од 5-5,5% односно 4,5-5%. Растот на економијата на САД, оваа година, ќе изнесува 2-2,5%, а следната 1,5-2%. Од друга страна, растот на Европската Унија  е проектиран на 1,5% оваа и 1,4% следната година.

Надворешната политика во принцип ги следи парите. Изнесените бројки покажуваат дека во моментов парите се сконцентрирани во реонот на Јужното кинеско море, плус Јапонија и Јужна Кореа. САД, доколку сакаат да го сочуваат својот примат немаат голем избор. Целата своја енергија треба да ја насочат кон овој регион. Да го забават растот на Кина и да го зголемат својот. Во оваа приказна нема место за Европската унија. Таа за одредени кругови во САД е непотребен баласт. Истото се однесува и на НАТО. И ова нема врска со републиканците или демократите. Ова има врска со националните интереси на САД. Само како потестување, претседателот Бајден донесе одлука за еднострано повлекување на американските војници од Авганистан без да се консултира со своите сојузници. Шест месеци подоцна започна војната во Украина и целиов немил настан беше потиснат. Сакале, несакале, новата реалност е тука. Само треба да се тргнат погрешните леќи од очите за да се види и разбере. За да може да се заклучи. Таа не е опасност! Таа е предизвик за сите играчи. Како за тие што претендираат да воспостават нов светски поредок, така и за тие кои инсистираат на статус кво.

При ова, за да нема недоразбирања, САД не се и нема да бидат непријател на Унијата. Нема зошто! Тие само не сакаат повеќе да бидат постариот брат. Изнесените тези за некаков конфликт помеѓу нив или уште пострашно непријателство, се резултат на погрешните идеолошки леќи. Работата е едноставна. Помалиот брат одбива да порасне. Сака и понатаму да ја има заштитата на поголемиот брат за да биде главен во малото. Дополнително! Го игнорира фактот дека трговскиот дефицит на САД со Унијата, само во 2024 година, изнесува 235,6 милијарди долари. Раст од цели 12,9% во однос на 2023 година. Гледано од овој аспект претседателот Трамп е во право. Тој е избран за да ги штити интересите на САД и неговите граѓани, а не на Унијата.

Во контекст на изнесеново, не е на одмет да се укаже на уште еден феномен присутен на македонскиот медиумски простор. Во разни коментари и анализи, претседателот Трамп без потреба се нарекува трансакциски лидер. Премиерот на Унгарија автократ. Истото се однесува и на престедателот на Србија. За Путин и Ердоган да не зборуваме. Чуму тоа? Тоа едноставно не е работа која треба да не’ интересира. Државите кои тие лидери ги преставуваат и застапуваат, со исклучок на Русија, негуваат и развиваат пријателски односи со нас. Оттука, тоа што треба да не’ интересира е дали може преку соработка со нив, Македонија да добие нешто повеќе. Ништо друго! Само како пример. Лидерката на италијанските нео-фашисти и премиер, госпоѓата Мелони, пред десетина дена беше во посета на Обединетите арапски емирати. Таа не постави прашање со кого разговара. Едноставно седна и потпиша десетина меморандуми за економска соработка во вредност од 40 милијарди долари. Претходно, таа со албанскиот премиер Рама, со истата држава, потпишаа трилатерален договор за вложување во обновливи извори на енергија и подводен кабел во вредност од 1 милијарда долари. Затоа, не е лошо, од време на време, да се потсетуваме на носечката песна од култниот филм „Кабаре“.

Знаците за започнатиот процес на македонското прилагодување, кон новата реалност се видливи. И тие треба да се интензивираат! Интензитетот секогаш е прашање на волја и на другите страни. Добра работа е што има многу други страни. Со упорност и постојано делување, секогаш ќе се најде партнер желен за соработка. Па, макар и минимална. Потпишаниот договор, за визна либерализација, со Азербејџан е симболичен, но и значаен. Тој отовора пат за продлабочување  на соработката. Ние не сме во позиција да пропуштаме шанси. Секоја, па макар и најмала, треба да се зграпчи. И не само тоа! Другата страна треба веднаш да се „бомбадира“ со иницијативи и проекти кои се од взаемен интерес. Постои опасност од погрешни толкувања, но требе да се каже. Македонската влада треба да го следи примерот на некои други држави и во надворешната политика да почне да делува корпорациски.

Автор: Јован Донев за НетПрес