Црна хроника
Шест млади мигранти спасени од заложништво, ги држеле во подрум им давале минимална количина на храна и вода : истрага против татко и двајца синови

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против татко и двајца синови, поради основано сомнение дека сториле кривични дела – Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти и кривично дело Криумчарење на мигранти.
Имено, во текот на вчерашниот ден на електронската адреса на Службата за односи со јавноста пристигна порака со линк од локација и следната содржина: „Ние сме 6 странци и бевме киднапирани од вооружена група која бара пари за да не ослободи. Ве молиме за итна помош. Се наоѓаме на оваа локација, во куќа во складиштето на куќата.SOS!“, која порака во координација со јавен обвинител од ОЈО Скопје беше проследена до Секторот за компјутерски криминал во МВР. По брзата реакција и извршениот претрес во подрумските простории на станбен објект во с. Студеничани од страна на полициските службеници од МВР беа пронајдени шестмина илегални мигранти од кои пет малолетници и едно деветнаесетгодишно лице.
Двајца од осомничените, во текот на месец март годинава, заедно со организатор по потекло од арапските земји кој престојувал во Р Грција и повремено во скопскиот регион, со цел стекнување имотна корист се здружиле и како дел од меѓународна криминална мрежа организирале меѓународна криминална група во РСМ која имала за цел вршење на кривично дело – Криумчарење на мигранти. Групата co помош на водичи т.н. ,,качаци“ организирала илегално пренесување на групи мигранти од територијата на РГрција на територијата на PC Македонија преку илегални премини т.н. зелена граница. По дадени задачи и насоки од првоосомничениот, неидентификувани припадници на групата со ПМВ ги прифаќале и ги преземале мигрантите и ги превезувале до с.Студеничани од каде тројцата осомничени ги прифаќале и времено ги засолнувале, а потоа илегално ги пренесувале од територијата на Р Србија кон државите на ЕУ.
На ден 21.03.2025 година илегално биле превезени шестмината мигранти кои првоосомничениот ги сместил и засолнил во подрумските простории на објект сопственост на неговиот татко во с. Студеничани. Со цел мигрантите да не го напуштат објектот просториите во кои биле сместени биле постојано заклучени, а второ и трето осомничените го обезбедувале објектот. На мигрантите им давале минимална количина на храна и вода, едно шише вода на ден за сите шест мигранти, а подрумските простории можеле да ги напуштат само заради извршување физиолошки потреби.
Првоосомничениот во повеќе наврати секој ден им го загрозувал животот и здравјето заканувајќи им се дека нема да го напуштат подрумот сѐ додека од страна на нивните блиски не бидат исплатени парични средства во висина од 5.000 евра за да обезбеди нивно понатамошно илегално пренесување до Р Србија. За таа цел најпрво им ги земал мобилните телефони на сите шестмина, по што во текот на четирите дена колку што престојувале, на двајца од нив им дозволувал еднаш дневно да остварат видео повик со криумчарот организатор од арапските земји со цел истиот да ги извести нивните семејства да ги исплатат бараните парични средства.
Ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерката притвор, предметниот обвинител ќе му предложи на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд истата да ја определи за сите осомничени, соопшти обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Метална шипка паднала врз скопјанец при санација на покрив на зграда: тој ги нападнал колегите

Вчера во 18.40 часот во СВР Скопје, Д.Д. (24) од с.Босилово, струмичко и З.Б. (54) од с.Чучер Сандево, скопско, пријавиле дека, додека извршувале работни задачи – санација на кров од станбена зграда на подрачјето на Карпош, паднала метална шипка и го повредила Б.Х.(51) од Скопје во пределот на раката.
Според пријавеното, потоа Б.Х. физички ги нападнал двајцата, при што употребил метален предмет и му нанел повреди на Д.Д., а им оштетил и алат.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Ја заклучувал сопругата, ја тепал и ѝ се заканувал: кривична за тетовец

Тетовец ја заклучувал сопругата, ја тепал и и се закнувал.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.С.(35) од Тетово.
Тој се сомничи за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“, ,,телесна повреда“ и ,,противправно лишување од слобода“.
Од 25.02. до 28.02.2025 пријавениот ја заклучил во семејниот дом неговата сопруга ѝ упатувал закани и физички ја нападнал.
Црна хроника
Грчки државјанин со пет евра сакал да поткупи цариник на Табановце

Грчки државјанин е уапсен на граничниот премин Табановце поради давање поткуп. При контрола на возилото тој во зелениот картон ставил пет евра за граничарот што го прегледувал.
Според информациите на МВР, вчера во 10.05 часот на Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го уапсиле С.П.П.(40) од Република Грција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „давање поткуп“.
„Имено, при гранична контрола, тој на увид дал документи за патничко возило „форд“ со германски национални ознаки, кое го управувал и во зелениот картон ставил банкнота од пет евра. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од МВР.