Борозан и Еспиња блескаа, Вардар покажа кој е газда во Скопје!

Ракометарите на Вардар 1961 со одлична партија и убедлива победа го добија дербито со Алкалоид 34-26 (15-13) во првото плеј-оф коло од Суперлигата. Инспирирани од бомбардерот Вуко Борозан кој за 36 минути на теренот даде девет гола, како и голманот Мигел Еспиња кој имаше 14 интервенции вардарци го надиграа и заслужено го победија градскиот ривал.

  • Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Алкалоид:

Вардарци отворија со два гола на Борозан, па погоди и Хориха за 3-0. Алкалоид се трудеше да фати приклучок, а конечно преку Стојковиќ и Франциско стигна до 3-2. Продолжи домашниот тим да контролира резултат и доаѓаше до предност, а момците на Лазаров успеаја да израмнат преку Серафимов (5-5).

Уште во првите десет минути четири пати вардарци шутираа пенали, ама по еднаш Срдановиќ и Лазаревски не реализираа по еден седмерец. Откако за домашните во 15. минута реализира токму Лазаревски, следеше „пост“ од пет минути без гол, а и Алкалоид по израмнувањето (9-9) неколку минути беше без реализација.

Конечно три гола врзаа ракометарите на Вардар преку високите Петриќ и Борозан за 12-9. Тоа го натера Кире Лазаров на тајм-аут за да подели совети, а тоа вроди со плод и Серафимов врза два гола (13-11). Имаше Алкалоид и напад за „минус еден“, откако ривалот не реализира напад по тајм-аут. Откако од прва не искористи Петров, следуваше гол на Велковски за 13-12.

Важен гол даде разиграниот Борозан изнудувајќи исклучување за Маркоски. Имаше Вардар шанса за три разлика, ама Галевски убаво му фати шут на Маргели, Алкалоид разви контра и на спротивната страна Еспиња одбрани удар од девет метри на Франциско, па Петковски не реализира зицер за „минус еден“. На одмор се замина со 15-13, а вистинско гол-шоу имаше Вуко Борозан со седум реализации. По четири пати погодуваа Лазаревски од Вардар, како и Серафимов и Велковски од Алкалоид.

Второто полувреме тргна со реализација на Хориха од десет метри. Украинецот се извлече „за влакно“ бидејќи беше многу невнимателен и со лакт го удри Ѓорѓиев, ама судиите Начевски и Николов му доделија само две минути исклучување. Откако Алкалоид повторно погреши, во контра капитенот Гоце Георгиевски погоди за дотогаш највисоки четири разлика (17-13). Со груба игра во одбраната вардарци го задржаа ривалот и со два гола на Борозан стигнаа до 19-14. Првиот гол за гостите дојде од крило преку Џонов во седмата минута од полувремето. Вардарци ја одржуваа позитивата, на добрата игра одбранет пенал врза и Еспиња и водството во првите десет минути движеше меѓу четири и пет гола. Успеа Алкалоид преку Ивановски да намали на 21-18 и тоа го натера Милано на минута одмор и совети. Во следниот период Вардар успеа да ја врати маргината на пет гола, одржувајќи ја предноста над ривалот кој грчевито се бореше да фати приклучок. Еспиња веќе беше „двоцифрен“ и имаше клучна улога во вардаровата игра. Домашните со голот на Срдановиќ од седум метри првпат стигнаа до шест разлика (27-21) и го принудија Лазаров на тајм-аут.

По второто исклучување за Маргели, пеналот на Серафимов го одбрани Васил Гогов за ерупција во „Јане“. Сепак, не реализираа вардарци за седум разлика и Иван Галевски од гол на гол погоди за 28-23. Во завршницата, поточно во последните пет минути Алкалоид беше целосно резигниран и тоа му дозволи на домаќинот осетно да се одлепи. Откако Ѓорѓиев погоди за „минус пет“, следуваа два гола на Танковски за максимални 32-25. До крајот на натпреварот Вардар ја зголеми предноста и до максимални осум разлика, а откако Милано доби црвен картон нов пенал одбрани Гогов за крај на мечот.

Главен инспиратор во нападот за Вардар беше Вуко Борозан со девет реализации, иако во последните нешто повеќе од дваесет минути не играше. Исто така меѓу стативите блесна Мигел Еспиња со 14 одбранети удари. Во таборот на Алкалоид со осум гола заврши Мартин Серафимов.