Министерството за внатрешни работи постапува на терен за приведување на уште седум полициски службеници, а во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Во рамки на предистражна постапка МВР постапува на терен во врска со обезбедување на полициски службеници, до ОЈО ГОКК е доставена кривична пријава“, информираат од ОЈО ГОКК и од МВР.
И од Обвинителството и од МВР повеќе информации се најавуваат во текот на утрешниот ден.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вечерва во „Топ тема“ на ТВ Телма истакна дека издадена е наредба за приведување на уште седум полициски службеници.
Државниот јавен обвинител не ја исклучи можноста да бидат приведени и други полициски службеници до завршување на истрагата.
Во пожарот во дискотеката во Кочани загинаа 61 лице, а 193 беа повредени.