ССМ бара и пратениците да бидат на минималец
2 април 2025Со почеток во 12.05 часот, членовите на највисокото раководство на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Синдикатите здружени во ССМ ја отворија јавната седница пред Работничкиот дом во Скопје, која продолжи пред Собранието, Стопанската комора, а заврши пред Владата.
Синдикатот пред Собранието и пред Владата на Северна Македонија упати порака до пратениците да донесат одлука за зголемување на минималната плата на 500 евра. Исто така, беше побарано пратениците и функционерите да земаат минимална плата се до нејзиното наредно зголемување.
„Вашите сега 79 отсто зголемени плати не ги заслужувате и затоа дојдовме тука поради фактот што вие не одлучувате за нас, ние ќе одлучиме за вас. Почитувани работници, да донесеме одлука пратениците да бидат на минимална плата до наредното зголемување на минималната плата, рече претседателот на ССМ“, Слободан Трендафилов.
Тој ги повика пратениците да ја повлечат „незаконската одлука за утврдување на висината на минималната плата“. „Со време намалете ги вашите плати на минимална плата. Да почувствувате како им е на работниците“, рече претседателот на ССМ, додавајќи дека се размислува и за организирање на генерален штрајк или протест.
„Не сме тука да ја рушиме Владата, туку да ги зголемиме платите“, рече Трендафилов.
Одлука за да се избегне блокада
Синдикатите се одлучија на протест поради одлуката на Владата да ја утврди минималната плата без учество на работниците, како што налага Законот за минимална плата.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, информираше дека тој ја потпишал, а потоа и ја објавил владината одлука за законско усогласување на минималната плата, со цел да не се предизвика блокада во исплатата на платите во државата. Според тоа, одлуката за зголемување на минималната плата од 1.800 денари е донесена согласно законот.
„Според Законот што е во сила, и е потпишан и од синдикатите и од работодавачите, обврзан сум и по одлука на Влада, пред 31 март да ја објавам минимималната плата. Од минималната плата потоа се пресметува и просечната и другите плати. Ако не ја објавевме до 31 март, ќе се блокираше целата држава и сите институции, а приватниот сектор не ќе можеше да пресмета плати за нивните вработени“, рече Дурмиши.
Но, според ССМ ваквата одлука е незаконска. Тие не бараат само минималец од 500 евра, туку и зголемување на платите на сите вработени во државата за најмалку по 6.000 денари. Ваквиот предлог изминатиот период беше доставен до сите релеватни институции и до работодавачите, но не наиде на поддршка.
„Секој има право да излезе на улица“
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во изјава за медиумите во пресрет на протестот на ССМ рече дека „живееме во демократија и секој има право да излезе на улица и да го каже својот револт“.
Но, според Дурмиши на синдикатите веќе им истечен мандатот, поради што смета дека веќе не се репрезентативни. „Како Влада ја формиравме комисијата која треба да ја утврди репрезентативноста на синдикатите и таа комисија веќе работи. Веднаш кога ќе се определи кој синдикат е репрезентативен ќе ја свикам седницата на Економско социјалниот совет (ЕСС). Токму таму синдикатите треба да ги кажат своите барања, а не на улица“, изјави Дурмиши.
Владата претходно излезе со став дека ако синдикатите и работодавачите се договорат околу минималната плата, тие ќе го прифатат таквото решение.
Поддршка за протестот
Опозициската СДСМ ги поддржа протестите на синдикатот. Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче, партијата ги поддржува барањата на работниците за минимална плата, но не стои зад протестите на синдикатите.
Тој апелираше до Владата да излезе во пресрет на барањата на работниците. „Платите се ниски цените се надвор од контрола, луѓето едноставно не можат да преживеат. Рационално и реално е барањето минималната плата да биде 30 000 денари. Има како да се воспостави точно е дека има методологија меѓутоа секогаш со политичка интервенција може и законот да се смени со цел да се излезе во пресрет на барањата“, рече Филипче.