Финансии / Банкарство

ПАЗАРОТ НА ЛИЗИНГ ВО СРБИЈА ДОСТИГНА МИЛИЈАРДА ЕВРА

25.03.2025

Пазарот на лизинг во Србија достигна рекордна милијарда евра на крајот на 2024 година, со регистриран раст на вредноста на новосклучените договори од давателите на финансиски лизинг од 27 отсто во однос на истиот период лани, беше соопштено од Асоцијацијата на лизинг компании на Србија (ALCS).

Вредноста на новосклучените договори на давателите на финансиски лизинг во Србија изнесува 981 милион евра, што претставува зголемување од 208 милиони евра во однос на четвртиот квартал од претходната година..

Претседателот на Управниот одбор на ALCS, Бојан Ерак, истакна дека на крајот на 2024 година е забележан раст во склучените договори за лизинг во речиси сите финансиски сегменти: во сегментот на патнички возила (нови и половни), комерцијални и товарни возила, како и во сегментот машини и опрема и недвижен имот.

Според структурата на финансирањето, патничките возила учествуваат со 44 отсто од вкупното финансирање. Потоа следуваат сегментот комерцијални и товарни возила со учество од 39 отсто, сегментот машини и опрема со 15 отсто и недвижностите со два отсто. Растот на вредноста на финансирањето на товарните возила е поддржан од високите инвестиции во инфраструктурни проекти, а овој тренд се очекува да продолжи и во наредниот период. Вкупната вредност на финансирањето за хибридни и електрични возила и опрема изнесува 91,5 милиони евра, што претставува раст од 73 отсто во однос на истиот период лани. Бројот на склучени договори во периодот од 1 јануари до 31 декември 2024 година изнесува 23.704, што е за 24 отсто повеќе во однос на истиот период лани, пренесува Данас.


фото freepic  

ПРЕПОРАЧАНО