• Горан Упале

Кошаркарите на Анадолу Ефес го преживеаја пеколот во Белград и во драматична завршница и по продолженија ја совладаа Црвена Звезда со 96-97 (88-88) и со тоа направија скок во плеј-оф зоната на едно коло до крајот на лигашкиот дел од Евролигата. Црвена Звезда, пак, остана без шанси за директен пласман во четвртфиналето, но дотаму може да стигне преку баражот.
Носени од фантастичната атмосфера на трибините, кошаркарите во црвено-бели дресови фантастично го започнаа натпреварот и водени од Петрушев се изборија за сигурни осум поени предност на првата мала пауза (24-16). Во втората четвртина турскиот тим ги консолидира своите редови и на паркетот во „Штарк Арена“ се водеше израмнета битка која на полувреме донесе резултат од 51-44 за домаќините.
По паузата и советите на тренерите во соблекувалната, Анадолу Ефес го покажа најдоброто од себе и со цврста одбрана го остави противникот на само 13 поени за десет минути. Тоа донесе резултатски пресврт и водство на гостинот по подолго време (64-66). Дуелот во Белград влезе во драматична завршница, откако Калиниќ погоди тројка за намалување на негативата на Црвена Звезда на само еден поен разлика, а откако Дозер експресно возврати, на сцена стапија Кенан со тројка и Јаго со соло-акција за израмнување на 88-88 и продолжение. Возбудливо беше и во дополнителните пет минути, а на крај се радуваа гостите од Турција, откако Мекинтаер во последните секунди не реализира шут за два поени за победа на Црвена Звезда (96-97).
Петрушев со 23 и Кенан со 21 поен беше најрасположени кај домашниот тим, а кај Анадолу Ефес прв поентер беше Брајант (18).
Голема битка се водеше и во Берлин, каде домашниот тим, Алба, немаше сили за сензација против Олимпијакос и лидерот на табелата славеше со 92-100. Со оваа победа грчкиот гигант се зацврсти на првата позиција на табелата и најверојатно таму ќе заврши по лигашкиот дел, затоа што во последното коло ќе се судри со една од најслабите екипи во лигата – Макаби Тел Авив.
На останатите два натпревари од вечерашната програма во Евролигата, Виртус Болоња изненадувачки славеше убедливо над Олимпија Милано. Ненад Димитријевиќ не настапи на овој натпревар, а „манекените“ загубија со високи 20 поени разлика (90-70).
Во Шпанија, пак, екипата на Басконија го посрамоти Асвел со триумф од 37 разлика (111-75).
Последното коло од регуларниот дел се игра следниот четврток и петок.