Најдобрата македонска фудбалерка Наташа Андонова потпиша за тимот на Мадрид и повторно ќе настапува во првенството на Шпанија. По краткиот престој во саудискиот клуб Ал-Шабаб, таа одлучи да се врати во шпанската лига, каде претходно настапуваше за Леванте и за Барселона.
Мадрид, кој моментално се наоѓа на десеттото место во првенството и минува низ резултатска криза, се надева дека Андонова ќе биде значајно засилување во нападот.
Во текот на кариерата, Андонова има настапувано и за европските клубови Турбине, ПСЖ и Розенгард. Во македонскиот фудбал, Наташа Андонова ги носеше дресовите на Борец Велес и на Тиквешанка.