Доколку сѐ уште не сте ги запознале, Зборци се млади ентузијасти, зборољупци, здружение кое има за цел да создава и промовира нови зборови во македонскиот јазик. Зборци се ,,Ганетодоровци” на новата генерација и борци за нови македонски зборови, онаму каде што е возможно, поддржувајќи го принципот поставен уште со кодифицирањето на македонскиот јазик: ,,Да се изградуваат нови зборови со живи наставки, и само колку што е потребно да се усвојуваат и туѓи заменки.”. Идејата и мисијата на Зборци е од огромно значење за намалување на англицизмите и популаризирање на нови македонски зборови, со цел да се зачува и збогати јазикот на којшто зборуваме, мислиме и сонуваме. Борци се пример и поттик за сите уметници, културни работници, новинари и сите оние кои на каков било начин можат да влијаат во збогатувањето на македонскиот јазик со нови, македонски зборови, наместо англицизми.
Корените на Зборци се во веќепостоечка идеја од 2014 година иницирана од Огнен Чемерски (преведувач), Румена Бужаровска (авторка), Илина Јакимовска (антрополог) и Татјана Ефтимовска (лектор). Иницијативата стана повторно актуелна благодарение на Игор Антов и Виктор Бучковски и сите зборољупци, затоа што ,,Ако се бориш за зборот – ти си веќе зборец!”.
Зборци на нивниот инстаграм профил Зборци, споделуваат и промовираат збор на неделата. Секој што ги следи може да помогне во изборот со нови предлози. Целта на Зборци е преку настани од различлен вид, да се популаризираат новите зборови.
За оние кои не беа дел од настаните, на инстаграм профилот се достапни видеа од најинтересните моменти. Видеата допреа до многумина и поттикнаа многу размисувања и дискусии, не само кај оние што се занимаваат со јазикот, а тоа секако е првиот голем успех на Зборци.
Првиот настан, април. 2024, беше панел дискусија – ЗБОРООБРАЗУВАЊЕ: Нови димензии во македонскиот јазик На настанот беше претставено зборообразувањето како креативна алатка достапна за секој говорител/зборец да создава нови зборови и преку создавањето да го збогатува македонскиот јазик и се зборуваше за популаризирање/демократизирање на зборообразувањето наспроти бирократизирањето на зборообразувачкиот процес. Панелот го модерираше новинарот Васко Попетревски, а беше составен од Славица Велева, Фросина Пармаковска, Илина Јакимовска, Тамара Ќупева
Вториот настан, мај. 2024: Зборообразување 2.0: Зборци и Укимци , беше организиран заедно со Универзитетското студентско собрание. На овој настан се тематизираше важноста на преводот и значењето на преведувачите во процесот на зборообразување. За разлика од првиот настан кој беше во поофицијален средина, вториот настан беше одржан во Паркот на франкофонијата и симболично беше изваден од рамките на институциите за да потенцира идејата дека Зборци е отворено за секој добронамерен јазичен креативен ум без оглед на неговата основна професија.
Минатиот месец, Зборци како здружение, првпат учествуваа на фестивал, мултидисциплинираниот фестивал Вртешка, каде што беше организирана интерактивна работилница која беше водена од страна на Игор Антов и Виктор Бучковски. Целта на работилницата беше да се запознаат учесниците со начините преку кои може да се зборообразува согласно зборообразувачките системи. Посебен фокус се даде на улогата на уметниците, културните работници и новинарите и потребата за нивно вклучување во збогатувањето на македонскиот јазик
Овој месец, Зборци беа на прва студиска посета на Зборци во Загреб, Хрватска. Инспирирани од развојот на зборообразувачкиот процес во Хрватска со желба за нови искуства и продлабочување на културната соработка меѓу двете земји, ЗборцивВо еднонеделната посета, остваривја средби со проф. Марио Грчевич, проф. Санда Хем и лексикографката Љубица Јосич. За време на студиската посета го посетија Факултетот за хрватски студии и Лексикографскиот завод Мирослав Крлежа. Оваа посетата отворени перспективи за идна соработка и културна размена.