Одбележани 79 години од крвавата одмазда во Бесвица и Прждево
07-10-2023 РЕГИОН

 Вчера на споменикот кај село Прждево со положување  свежо цвеќе се одбележаа 79 годишнината од значајните настани од НОВ во 1944 година, со акцент на случувањата на овој терен, односно крвавата одмазда кон стреланите цивили во селата Бесвица и Прждево и обесените партизани.

 

Цвеќе положи делегација од сојузот на борци и граѓани поддржувачи од Неготино и градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров.

 

На крвавиот 6 октовмри 1944 година во селото Бесвица се стрелани 40 селани од турска националност, а во село Прждево 18 селани. Затоа овој настан во сите списанија и книги од НОБ е наречен „Крвава одмазда“, а еве што кажува историјата за истиот...

 

... Деветата народно ослободителна бригада од Главниот штав доби задача постојано, со диверзантски акции на железничката линија на потегот од Неготино до Гевгелија да го спречува повлекувањето на германските сили од Грција. Согласно директивата на Главниот штаб, штабот на Бригадата на 5 спрема 6 октомври испланира минирање на железничката линија во должина од 150 метри, во месноста „Прждевски лаки“. Минерите од бригадата ги поставија мините и ги активираа кога првиот дел од возот го помина минираното место. Зафатените вагони беа уништени и загинаа околу 90 војници, а имаше и многу ранети. Германските војници од првите неуништени вагони брзо се созедоа од шокот, зазедоа борбени позиции и почнаа да го пребаруваат теренот околу минираното место. Во нивната акција на тој простор заробија десетина партизани и ги обесија на околните телефонски столбови со главите надолу. Но тука не застанаа. Крвавата одмазда продолжи. Германските војници секавично ги блокираа блиските села Прждево и Бесвица. Во Прждево почнаа со претреси на куќите барајќи партизани. Во селото настана паника, пукотници насекаде, по дворовите се убиени пет мажи и две жени и петмина од оние кои бегаа кон полето. Шеснаесет селани беа одведени на една височина над селото. Лазар Арсов, Лазо Ставров и Васил Стојанов со секавична брзина побегнаа од местото за стрелање. Тогаш германците почнаа да пукаат во насобраните селани кои испопаѓаа и не даваа знаци на живот. Кога германците го напуштија селото од купот стрелани тешко повредени беа извлечени: Трајко Колев, Ѓорѓи Стојанов, Тодор Ставров, Тодор Минов и Лазар Младенов. Тие заедно со тешко ранетите во нејзиниот двор Донка Захарчева беа однесени во партизанската болница во селото Бохула. Трајко и Донка по неколку дена им подлегнаа на раните.

 

Истиот ден уште полоша судбина го снајде селото Бесвица. Германците при претресот на селското училиште најдоа динамит и еден труп на германски војник. Тоа многу ги ражести германските војници кои собраа 43 селани, ги одведоа петстотини метри надвор од селото и ги стрелаа. Кога и последниот војник си замина од селото и од овој крвав куп од трупови со тешки рани се извлекоа: Мустафа Башов, Мустафа Ибраимов, од Бесвица и Коцо Кимов и Александар Боцев од с. Прждево.

 



Додади коментар