Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи поднел кривична пријава против вработена во Одделението за управни работи во Куманово, поради сомнеж дека со несовесно постапување му нанела значителна материјална штета на Министерството.
Како што информираат од МВР, пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство Куманово против лицето М.П., која била ангажирана како овластено службено лице – референт во кумановското одделение.
Според наодите на внатрешната контрола, во периодот од 11 јануари до 19 декември 2024 година, М.П. без законска основа издавала регистарски таблички и платливи обрасци на странки за регистрација на возила, без приложени уплатници за извршена уплата или без да ја изврши наплатата преку службениот ПОС терминал. Притоа, според службените податоци, таа ги преземала табличките и обрасците од магацинот на СВР Куманово, иако знаела дека не се исполнети законските предуслови за нивно издавање.
Со ваквото постапување, според МВР, била причинета штета на буџетот на Министерството во износ од 417.500 денари.
Покрај кривичната пријава за делото „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 1 од Кривичниот законик, против М.П. е поднесен и предлог за поведување дисциплинска постапка за повреда на работниот ред и дисциплина. Таа е привремено отстранета од работното место, со мерка суспензија сè до завршување на постапката.
Од МВР најавуваат целосно расчистување на случајот и потенцираат дека постапуваат по сите случаи во кои има индиции за злоупотреба на службената положба и нанесување штета на институцијата.