Доналд Трамп со години најавува огромни тарифи за увоз во САД, но досега преовладуваше верувањето дека тие ќе бидат одложени, олеснети или целосно повлечени. Тој денеска во Белата куќа ќе соопшти колку е сериозен во намерата „најубавиот збор во речникот“, како што ги нарекува тарифите, да го претвори во политичко-економско средство кое ефективно прогласува крај на една деценија глобална економска интеграција.
Како што пишува Би-Би-Си во анализа на ситуацијата, Трамп би можел да објави нешто што би имало ефект сличен на балистички удар врз светскиот трговски систем – универзална царина за сите американски увози. Опцијата за универзална тарифа од 20 отсто, според Би-би-си, е единствениот начин да се достигнат огромните приходи за кои зборуваат некои советници на Трамп, во опсег од неколку трилиони долари.
Трамп: Тарифите ќе бидат „реципрочни“
Во последните изјави Трамп е експлицитен – царините ќе бидат реципрочни, а САД ќе бидат „пољубезни“ кон своите трговски партнери. Но, тоа не ја исклучува широката примена на тарифи од 10 или 20 проценти, особено ако Вашингтон одлучи дека даноците на додадена вредност и во другите земји се сметаат за вид тарифи.
Би-Би-Си пишува дека земјите би можеле да се класифицираат во груби категории кои носат различни нивоа на тарифи – но сите во практично универзален систем. Еден функционер на Г7 изјави за Би-Би-Си во текот на викендот: „На крајот на денот, сè се сведува на претседателот Трамп“.
Импликации за глобалната трговија и Обединетото Кралство
Ваков систем, заедно со очекуваните одмазднички мерки ширум светот, може да ја намали економијата на Велика Британија за 1 процент – да го избрише целиот очекуван раст и да отвори простор за зголемување на даноците или намалување на трошоците, наведува Би-Би-Си.
Вкупните трошоци за светската економија би можеле да достигнат 1,4 трилиони долари или околу 1,3 трилиони евра, се наведува во студијата на „Aston Business School“. Ова би се случило поради пореметувања во трговските текови и зголемувањето на цените.
Веќе има индустриски шпекулации дека Европската унија би можела да ги таргетира американските технолошки гиганти како одговор. Велика Британија, сепак, би можела да заземе поинаков пристап – не само да се воздржи од одмазда, туку и да понуди значителни даночни олеснувања за американските технолошки компании. Би-Би-Си во својата анализа посочува дека трговските војни тешко се добиваат, а секој лесно може да изгуби.
Глобализацијата на удар
Универзалната тарифа од 20 проценти или некоја нејзина варијанта би била историски удар за глобалниот трговски систем. Но, како што забележува Би-Би-Си, зад сè се крие нешто подлабоко.
Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс минатиот месец рече дека во очите на оваа администрација, глобализацијата пропаднала затоа што се очекувало од богатите земји да се движат кон производство на пософистицирани стоки додека посиромашните го преземаат производството на поедноставните. Бидејќи тоа, особено во случајот со Кина, не се случи – САД сега се оттргнуваат од таквиот свет.
Ако денес отиде предалеку во поткопувањето на своите сојузници, САД би можеле да отворат простор за Кина, предупредува Би-Би-Си. Загубите на американските компании во Европа би можеле да се ублажат со пристигнувањето на поевтина електроника, облека и играчки од Азија на британскиот пазар – стоки кои инаку би отишле во САД.
Она што Трамп го започнува денес, заклучува Би-Би-Си, не е само обид за преобликување на Америка и трговијата – туку и начинот на кој функционира целиот свет.