Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги објави темите за кои планира да дискутира на претстојната лидерска средба. Тој нагласи дека првично сака да оствари тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски, бидејќи, според него, Мицкоски прв подал рака и изразил подготвеност за разговор.
Тој истакна дека е неопходно да се воспостави нова форма на политички и општествен дијалог, во кој ќе бидат вклучени сите политички партии и други чинители во општеството. Целта е да се изработи стратегија која ќе ја насочи државата во следните една до две децении.
Филипче посочи дека петте области кои ќе бидат во фокусот на лидерската средба вклучуваат образование, здравство, правосудство, заштита на животната средина и партизација во институциите.
„Системот на многу места не функционира како што треба, а јавните сервиси не нудат перформанси кои граѓаните навистина ги заслужуваат. За тоа сме одговорни сите политички партии: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и останатите политички партии на Албанците. Слушајќи ги алармите и барањата од граѓаните, потребно е да се создаде систем, нова форма на политички и општествен дијалог. Оваа иницијатива треба да ги вклучи најголемите политички партии и други значајни чинители во општеството, со цел да се изготват стратешки документи на основа на кои државата ќе функционира многу подолго од мандатот на било која влада или коалиција“, изјави Филипче.
По трагедијата во Кочани во март, каде загинаа 59 луѓе, Филипче повторно повикува на одржување лидерска средба за да се разгледаат важни прашања и предизвици.