Марин Ле Пен вчера од парискиот суд беше осудена на четири години затвор, од кои две години условно (со носење електронска белезица), и на пет години забрана да биде избирана. Кривичниот суд во Париз ги прогласи за виновни деветте европратеници на РН, меѓу кои и лидерката Марин Ле Пен. Тие беа обвинети во случајот со асистентите на европските парламентарци за проневера на јавни средства. Дванаесетте асистенти што беа судени заедно со нив исто така беа прогласени за виновни за примање нелегално стекнати средства. Судот процени дека вкупната штета е 2,9 милиони евра, со тоа што „Европскиот парламент ги плаќал лицата, кои всушност работеле за партијата наместо за парламентот“.
Прогласена за виновна за проневера на јавни средства, Марин Ле Пен е осудена на четири години затвор, од кои две треба да ги издржува со електронска белезица. Но тоа што предизвикува повеќе бранувања е што таа, исто така, доби петгодишна казна за неподобност за избирање, која стапува во сила веднаш. Таа ќе мора да поднесе оставка од функцијата пратеник и советник на регионот Па-де-Кале и нема да може да се кандидира за претседател во 2027 година!
Привременото извршување на казната за неподобност изречена од судот треба да го оневозможи кандидирањето на следните претседателски избори, се разбира, освен ако со жалбата не се смени оваа пресуда.
Се разбира, аналитичарите издвојуваат дека всушност „претседателските избори во Франција во 2027 година се во срцето на ова судење“! Според уставните правила, првиот круг од овие избори, без Емануел Макрон, ќе се одржи на 11 или 18 април 2027 година. Вториот круг ќе се одржи на 25 април или 2 мај 2027 година.
„Централната улога“ на Марин Ле Пен спомната од претседателот на судот ја оправда оваа пресуда со истакнување на „централната улога“ на Марин Ле Пен во системот воспоставен за проневера на пари од Европскиот парламент, кој го наведе и „нарушувањето на јавниот ред и на демократското функционирање“.
На 25-те обвинети, долгогодишни партиски функционери, телохранители, секретари и сметководители, од 30 септември до 27 ноември им се судеше за проневера на јавни средства, соучесништво и прикривање јавни средства. Судот ги обвинува дека користеле европски фондови за плаќање на партиските функционери и персонал во периодот од 2004 до 2016 година. Овие факти ги оспоруваат Националниот собир (РН) и Марин Ле Пен. Судот сметаше дека тоа не се административни грешки или недоразбирање на збунувачки европски правила, туку пренасочување за да се намали товарот на партијата.
Откако ја слушна најавата за итно извршување на казната за неподобност да биде избирана, Марин Ле Пен ја напушти судницата. Националниот собир одржува итен состанок во седиштето на партијата во Париз. Таа најави инстантно гостување во 20 часот на ТФ1.