Масовниот протестен марш, на кој се побара правда за загинувањето на младата Фросина Кулакова, заврши пред Кривичниот суд каде што илјадници граѓани извикуваа „Убијци“. Претходно пред Собранието, таткото на Фросина, Тодор Кулаков, одржа говор во кој рече дека оној што ќе плати повеќе мито, тој добива, а по правило добиваат криминалците и нивните адвокати

Протестниот марш, на кој се бара правда за 22-годишната Фросина Кулакова, која загина во сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, заврши пред Кривичниот суд.
Таму илјадниците присутни граѓани извикуваа „Убијци“; „Системски промени“; „Правда за Фросина“; „Затвор за Васил“.
На сите локации на кои помина протестниот марш – почетната точка кај Универзалната сала на Партизанска, пред Собранието и на крајот пред Кривичниот суд, беше одржан триминутен молк со кој беше оддадена почит за младата Фросина. Молкум граѓаните светеа со подигнати телефони.
Претходно, додека граѓаните застанаа пред Собранието, говор одржа таткото на Фросина, Тодор Кулаков.
„Се работи за систем и антисистем. Од една страна системот ни создава универзални вредности, правила базирани на длабоки и цивилизациски коректни начела, каде што децата се учат во домовите, школите и црквите. Затоа некои од нив, поради таквиот хуманистички пристап, стануваат херои на нашето време. Дозволете ми Фросина да ја сместам во тие херои на нашето време. Другите, оние што се задоени со чемерот на антисистемот, претворајќи се во наркодилери, насилници, убијци, заедно со тешко потплатени судии, обвинители и други, кои судии, обвинители, проценители и извршители направија балкански дуќани, друштва за наддавање како аукциски куќи – кој ќе плати повеќе мито, тој добива, а по правило, без исклучок, криминалците и нивните адвокати добиваат“,
рече Кулаков.
Протестниот марш почна околу 17 часот на местото каде што загина младата Фросина Кулакова кај Универзалната сала на „Партизанска“. Маршираа илјадници граѓани извикувајќи „Бараме правда“.
Во првите редови во поворката беа членовите на потесното семејство на Фросина. Присутните граѓани маршираа и извикуваа „Сакаме правда“ и „Нема правда – нема мир“. Се носеа и црни маички на кои пишува „Правда за Фросина“.
Подигнати беа многу транспаренти. На некои од нив пишуваше „Секој еден може да е следен“; „Безбедноста е право, а не привилегија“; „Судии убијци“ и „Крвта е на ваши раце“.
22-годишната Фросина Кулакова загина во сообраќајна несреќа што се случи во средата пред полноќ (29 јануари) откако во неа со автомобил удри 20-годишниот Васил Јованов, кој сега е во притвор. За него подоцна беше објавено дека нема возачка дозвола, дека возел со 130 километри на час и дека бил под дејство на алкохол, но и дека и претходно учествувал во кривични дела.
Ваквите информации предизвикаа незадоволство кај граѓаните кои прво се собраа на масовен протест во петокот кој почна на местото на кое загина Фросина, а заврши пред Кривичниот суд. Протест беше одржан и во родниот град на Фросина, Неготино. Граѓаните побараа одговорност и за судијката која многумина ја обвинуваат дека претходно го спасила од притвор проблематичниот возач.
Претходно денеска протест се одржа и во Кавадарци на кој сестрата на загинатата Фросина Кулакова, Росица, порача дека правда за Фросина мора да има и посака ваков случај никому да не му се повтори.
Таа својот говор го започна со зборовите дека општеството е огледало на вредностите што ги носат оние што го водат, а децата се најчистиот одраз на своите родители.
„Не може да се очекува чесно и одговорно управување од луѓе кои не успеале да ги всадат основните морални и општествени вредности дури ни во сопствениот дом. Доделувањето државни функции не смее да се сведува само на формални образовни критериуми. Јавните функции мора да ги извршуваат луѓе со интегритет, кои своите карактери и вредности ги покажале и во сопствениот живот. Како граѓани, како родители и како дел од заедницата, оној што не успеал да го воспита сопствениот наследник да ги почитува законите, да разликува добро од зло и да живее чесно, не може да бара доверба да управува со државата. Напротив, ваквите лица не смеат да добијат јавна функција. Тие треба да одговараат за своето дејствување, но и за криминалните постапки на своите помлади полнолетници“,
рече Кулакова.
Загинувањето на Фросина денеска беше повод и за партиски препукувања меѓу власта и опозицијата. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ меѓусебно се обвинуваа за тоа до која партија е поблиска судијката Даниела Алексовска-Стојановска која е обвинувана дека го спасувала возачот Васил Јованов од одговорност за претходни кривични дела.