1021 hPa
81 %

3 °C
Скопје - Нед, 13.04.2025 06:59
Ирена Цветковиќ, Фросина Крушкаровска, Калина Малеска, Мирјана Најчевска, Ѕвездан Георгиевски, Љупчо Поповски, Горан Ризаов, Петрит Сарачини, Ивор Мицковски и Ивон Величковски.
Ирена Цветковиќ, Призма
Во време кога насетуваме потенцијал за една балканска пролет, кога демократски настроените граѓани и младите генерации низ регионот и кај нас излегуваат и повикуваат на протести, многумина од нашата генерација го дочекуваат тоа со цинизам и негодување. Ние и не ги разбираме овие протести. И во Србија, а и сега во Македонија, многумина се збунети какви се тоа протести, кои не повикуваат на смена на власта, туку на смена на системот. За нас власта е системот, ние не знаеме за друго.
Нека не нè чуди широко распространетото чувство на разочараност; не можат да веруваат во промени луѓе што досега ги изневерил секој систем. Не е само економски просперитетот од кој сме лишени, туку исто толку значаен е недостигот од политичка и социјална сигурност. Со други зборови, ние не сме само материјално осиромашени, еродирана е секоја верба во промена, стабилност и правичност, корумпирани се дури и целите за учество во политиката и општеството. (...)
Кога студентите во Србија повикуваат на макотрпен и долг процес на долгорочни промени, ние сме затечени. Генерација на која ѝ се одземени колективните очекувања за иднината, која долгорочното планирање ѝ се чини невозможно, дури и ирелевантно, е генерација што е западната во цинизам, опортунизам и страв од преземање ризици.
Кога сте пораснале во систем, во кој корупцијата, неуспешните реформи и економското девастирање се повторуваат во циклуси, тешко дека ќе поверувате дека работите можат навистина да се променат. Цинизмот е наш одбранбен механизам, начин да се справиме со очекувањата што редовно ни се изневерени.
Но, тоа има свои последици. Раширена апатија, обесхрабреност и гол индивидуализам над секој напор за колективна иницијатива. За да не западнат во ваква безнадежност, младите мора брзо да создаваат простори во кои визијата за иднината и надежта ќе се градат и пренесуваат. Пленумите и граѓанските собири се токму тоа.
Фросина Крушкаровска, Окно
Граѓанин што не гледа, не слуша и не зборува е примерен граѓанин. Тој може да се спореди со трите икони/емотикони, слики на мајмунчиња со затворени усти, уши и очи. На примерниот граѓанин му е забрането чувствувањето, според концептот со кој последниве неколку дена нè гушат и ни го матат умот веќе до степен близу до лудило.
Сè што примерниот граѓанин потенцијално би можел да почувствува, веќе е ефикасно трансферирано преку зборовите и постапките на системот. Затоа не мораме да се пренемагаме да го удвојуваме; не мораме да емпатизираме со болката на сограѓаните, да изразуваме сочувство и поддршка преку јавни собири, бидејќи надлежните веќе ги посетиле во наше име; не мораме да чувствуваме страв од иднината ниту гнев поради неправдата, бидејќи едниов, „добриов“ систем веќе се бори против „другиот, лошиот“ систем; не мораме да ја искористиме последната шанса да ги слушнеме приказните на оние кои ги изгубивме и така да се потрудиме да им ја оддадеме задоцнетата почит кога и дел од медиумите се самоцензурираа; и најмалку од сè има потреба да чувствуваме одговорност за нештата што се случуваат, бидејќи има кој друг да мисли. (...)
Она што насетувам дека врие под површината (или на што се надевам ) е токму тоа чувство на лична и колективна одговорност која нè влече да истапиме во јавниот простор (широко дефиниран). Ми се чини дека повеќето такви повици кои ги видов потекнуваа од таа искрена основа. Притоа, прво, секој има право да жали на свој начин, а потоа и секој може граѓански да се ангажира на свој начин. Придонесот не мора да биде само преку протести, тој може да биде или да созрева преку пишување, преку едукација, преку уметност, преку индивидуалниот професионален ангажман - не со идеја да се релативизира директната политичка акција, туку за да се создадат разни линии на поддршка и на мисла кои однатре ќе ги активираат жилите во атрофираните делови од општеството. А во тоа треба да се биде промислен, недвосмислено политички (не партиски) артикулиран, принципиелен и одговорен.
Одговорниот граѓанин треба и да гледа, и да слуша и да зборува и да чувствува со што ќе го одржува функционален својот внатрешен компас, на кој ќе може самоуверено да се потпре кога се обидува да се ориентира во локалната заедница, во државата, на Балканот и во светот.
Мирјана Најчевска, Фејсбук / Окно
Македонија е најзагадена држава во Европа.
Со најлошо образование.
Со најлошо здравство.
Со најголема корупција.
Со најмал број библиотеки.
Со најнесреќно население.
Со најскапа струја.
Со најниски плати.
Не бре. Не ни требаат протести.
Тоа шарените ги манипулираат граѓаните.
Платениците од невладините организации.
Оние кои скршија еден џам на измислената канцеларија за млади на Иванов и кои фрлија боја по зградите.
Тие се виновни за загаденоста и лошото образование и лошото здравство и за корупцијата и за недостатокот на библиотеки и за несреќата на населението и за скапата струја и за ниските плати.
Не знам како ама тие се виновни.
И се напукаа со пари.
Не криминалците кои се нарекуваат бизнисмени. Не градоначалниците, пратениците, министрите, премиерите и секоја будала која ќе зграпчи некоја функција.
Не. Невладините.
Калина Малеска, Окно
Системот може да се подобри, меѓу другото, кога, наместо култура на приоретизирање на моќта и на сопствените интереси, ќе се гради една поинаква етика – во која другите доаѓаат на прво место. Не тој што претркува на пешачки зашто нему му се брзало, не тој што сака да отвори кладилница каде што нему му изгледало најпривлечно, не тој што пука петарди за нова година зашто нему тоа му се видело забавно. Туку луѓето врз кои овие постапки имаат некакво влијание.
Тоа не е само прашање на свест, туку и државна обврска. Системот не може да се потпира само на тоа дали некој има свест или не. Иако сите ние го сочинуваме системот, важно е, ама не е доволно, да се тргне единствено од себе во промените, зашто има и луѓе кои нема да го направат тоа. Неопходни се правила што ќе оневозможат кој било да постапува само во своја корист, со страшни последици по другите, и механизми што ќе осигураат дека тие правила се почитуваат.
Културата на себичност и приоретизирање моќ не ја разбира поентата на доктор Лит – дека со една сосема поинаква етика, етика на приоретизирање на добросостојбата на другите, се подобрува и сопствениот живот. Зашто како може некој да биде задоволен ако другите околу него се несреќни?
Љупчо Поповски, Дојче веле / Окно
Навратете се назад последнава недела на дневниците на националните телевизии: Панче Тошковски, па Панче Тошковски, па Панче Тошковски; потоа Љупчо Коцевски, па Љупчо Коцевски, па Љупчо Коцевски; па Арбен Таравари, па Арбен Таравари. Па одвреме-навреме Сашо Клековски. Министри, обвинители, други функционери. Трагедијата беше грабната од функционерите за да го прикажат бескомпромисниот почеток на борбата против корупцијата, а од човечка гледна точка највредните податоци јавноста ги добиваше од министерот за здравство. На социјалните мрежи, особено на Фејсбук, имаше искажувања на прежиевани од инферното во „Пулс“, но новинарството потклекна во една од неговите најкомплицирани битки. Владата ги соопшти имињата на загинатите дента на погребот, медиумите инцидентно објавуваа по некоја фотографија на оние што ги загубија животите. Всушност, најмногу се дозна за луѓето од и околу групата „ДНК“ што загинаа. За младите деца од Кочани, Штип, речиси да не се кажа ни збор.
Наместо да ја споделиме болката со луѓето кои ги загубија своите најблиски, ние ги споделувавме приказните од прес-конференциите на функционерите за лиценците, вистински или лажни, кој можеби направил криминал, а кој можеби не. Владините и други функционери ја запоседнаа јавноста, а новинарите благо го прифатија тоа.
Препораката како да се известува од погребот во Кочани беше врвот на сето тоа. Оваа влада е на власт само девет месеци. Таму има луѓе кои никогаш не биле во извршната власт. А во медиумите има новинари кои работат со децении и кои известувале за многу трагични настани во оваа држава и знаат дека една од основните задачи на журнализмот е да ѝ ги претстават на јавноста и радоста и тагата.
Премиерот во првото обраќање вечерта во неделата, на денот на трагедијата не зборуваше за девастираните семејства во Кочани, за жителите на градот кои се уништени, тој зборуваше – за себеси. Еве како го почна неговото обраќање: „Во мојот живот сум имал многу тешки моменти и предизвици, но ова денес е убедливо најтешкиот ден од мојот живот. Ми се кине срцето и немам сила да говорам денес. Скршен сум и мојот дух е срозен".
И така натаму и така натаму. За трагедијата на семејствата имаше само две реченици подолу во обраќањето: „Денес е најважно да изразиме сочувство кон семејствата, да се молиме за семејствата на загинатите и повредените и за народот на Македонија. Да повикаме на заедништво и сплотеност и да се насочиме кон фактите и сѐ она кое е важно за почеток на едно големо ресетирање на системот“. За пред крајот пак да се наврати на себе: „Јас сум денеска скршен“.
Ѕвездан Георгиевски, Призма
Наспроти прокламираното „да се сплотиме сите во болката“, во јавниот дискурс повторно се појавија „нашите“ и „вашите“. Во грчевитата потрага по „внатрешниот“ и „надворешниот“ непријател излегоа од некаде помалку заборавените: „шарени“, „соросоиди“, „странски агенти“, „платеници“ и слични етикети. Се разбира, без многу смисла и резон.
Како што впрочем нѐ учи старото драматуршко правило, ако во првиот чин се споменат Сорос и Шарената револуција, вториот чин ќе зборува за „предавство“, „државен удар“, „обоени револуции“, „српско сценарио“, „дестабилизација на земјата“…
И повторно ќе се заокружуваат и ставаат на наводниот „столб на срамот“ имиња на невладини организации, активисти и интелектуалци од левиот политички спектар. Ако, не дај Боже, сериозно се зачитате во овие писанија, на крајот ќе излезе дека Џабир Дерала и Љубомир Фрчкоски лично отишле во Кочани и ја запалиле дискотеката. (...)
Што е добро во оваа наша држава, па таа да остане таква каква што е? И зошто задржувањето на оваа состојба е стабилизација, а барањето за нејзини промени е дестабилизација? Што повеќе може да се влоши или да се дестабилизира? Зар не ни е доволно од ваква „стабилност“?
Дури и владата, предводена од партијата што, од некои причини (за мене непознати), полага авторски права на оваа држава, излезе со патетичен повик на „разум и доверба во институциите“. За да има некој доверба во институциите, основно е да постојат институции. Кои институции постојат кај нас? Оние што дозволиле да изгори цела една младост?
Горан Ризаов, Мета
Новинар на Мета.мк беше брутално нападнат на социјалните мрежи со лажни обвинувања дека организира собири. Неговата фотографија беше залепена во десетици објави на Фејсбук и Твитер со повици за негово апсење и физички напад. Иако случајот беше пријавен, немаше никаква реакција.
Нападот се случи поради тоа што на социјалните мрежи беше објавена снимка од министерката за образование и наука Весна Јаневска и нејзиниот говор пред студентите на кампусот на УКИМ, кога беше исвиркана. Се собраа повеќе илјади студенти и средношколци да им оддадат почит на загинатите. Наместо студентски, собирот се претвори во лошо подготвен ПР настан кој излезе од контрола.
Само една телевизија и неколку онлајн медиуми објавија дека студентите ја исвиркаа министерката. Сепак, на социјалните мрежи приказната беше поинаква. Видеото беше објавено и стана вирално. Истата вечер се активираа партиските ботови и започнаа хајка преку анонимни профили и групи.
Четири дена подоцна, кога министерката конечно повторно се појави во јавноста, ниту еден новинар, ниту еден медиум не ја праша како се нашла на говорницата заедно со ректорката да држат говори на студентски собир. Никој не ја праша дали ќе си поднесе оставка поради непочитувањето на студентите во моментите кога тие жалат за своите починати колеги – за десетици млади луѓе кои го загубија животот и стотици повредени од кои дел сè уште се борат да преживеат во странските болници.
Во својот говор, министерката, покрај другото ја изрецитира песната „Во тишина“ од Ацо Шопов. Да, точно е оти тишината понекогаш може многу погласно да укаже на вистината отколку најгласните зборови. Но, кога студентите на тишина ги повикува власта, се раѓаат сомнежи дека овде се пее некоја друга песна.
Петрит Сарачини, Фејсбук / Окно
Иако претставниците на власта декларативно повикуваат на „сплотување“ и надминување на разликите, деновиве сè почести се обидите да се оцрни, замолчи и задуши критиката и револтот на граѓаните за трагедијата во Кочани.
Поддржувачите на власта во медиумите и на социјалните мрежи повторно водат оркестрирани хајки против студентите и граѓанските инцијативи што најавуваат собири и протести.
Повторно се „спружуваат“ медиуми, новинари, граѓански организации и активисти, повторно се прогласува за „шарен“, „платеник“ и „предавник“ - секој што ја критикува истрагата за трагедијата и постапките на „безгрешната“ власт, која бара одговорност секаде, но најмалку во сопствените редови.
Овие јалови обиди за бегство од сопствената одговорност не носат ниту сплотување, ниту обединување на целата земја за „промена на системот“. Тие многу повеќе потсетуваат на темните времиња на Груевски и „заробената држава“.
И по тие времиња, иако имаше далеку повеќе простор за критикување и протестирање, за жал немаше порешителни чекори за справување со убиствената корупција, криминал и долгогодишна ерозија на системот. Неказнивоста и недостатокот на слух за овие суштински потреби на граѓаните придонесоа во голема мера за катастрофалниот изборен пораз на минатата власт.
Ивор Мицковски, Фејсбук
Префарбани режимски медиумски мегафони, спасени од кривични дела и бројни злодела, сега уринираат врз некаква си непостоечка Шарена револуција.
Се докажува дека гнилежот оставен без одговорност секогаш одново ќе исплива кога ќе намириса крв, судир и тензија.
Сте чуле ли некад за нешто добро да се појават, само за штета и несреќа, туѓата и јавната несреќа им се погонско гориво, како крв за крвопии.
Ивон Величковски, Фејсбук
Конкретно е прашањето по чија иницијатива, односно во интерес на која финансиска групација – тогашната влада и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ составиле вакви законски измени во кои ноќниот живот однесе во смрт за шеесетина млади? Во чиј интерес 2008 година е направен закон со кој со непостапување по стандарди е создадена „длабоката“ со која полицијата и инспекциите на локално и државно ниво станаа обезбедување со „значка“ за локалниот рекет, дилање дрога и проституција?
Со ова прашање се соочени и Тошковски и Мицкоски – и Ковачевски и Заев сосе Спасовски – и Јанкуловска и Груевски како нивни претходници. Оти овие законски измени се од – 2008.
Доволно за почеток, иако може да се враќаме се до владата на Црвенковски, оти експлозијата на „белото“ во Кочани започна по првата рекет-афера во скопски „Хард рок“ – и никој не се позанимава ниту со неа ниту со трансформацијата на „Франкфуртската мафија“ во четириаголникот Велес – Свети Николе – Кочани – преку Виница, Пехчево и Берово се“ до – Струмица во доцните 1990-ти и раните 2000-ти.
„Градежниот бум“ кој зависи од градежни маркици, за потсетување, оди паралелно со оваа спрега на институциите и подземјето – чии состаноци се одвиваа во ваквите „елитни места“ како „Пулс“. А градежништвото, познато е – претставува гранката во која најлесно „се перат“ валканите пари. Заедно со игрите на среќа. Единствените растечки „индустрии“ во Северна Македонија веќе втора деценија, при влади и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
Министри, премиери, пратеници, директори… – објектот бил пломбиран и фирмата што го раководи има блокирана сметка – а до неделата работеа, „правеа пари“ и посеаја смрт. Толериран од претходни функционери – но пред очи на актуелни раководители во МВР, УЈП, ДПИ…
Фотографии: Томислав Георгиев